ВИДЕО – Прилепските спортисти бараат Агенцијата за млади и спорт да помогне за отворање на „Универзална сала“


Прилепските спортисти бараат државата под итно да ја отвори „Универзална сала“ и да ја даде во владение на Општината за да истата стане достапна за спортистите. По серијата прилози на Инфо Компас дека двете најголеми спортски сали во Прилеп со години зјаат празни, а спортистите тренираат во несоодветни услови во училишни сали, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, излезе со став дека „Универзална“ сала со која владее ЈП АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, може веднаш да биде отворена, затоа што проблем било само една оштетена трибина која можела да се затвори додека се санира. Спортистите охрабрени од овој став покренаа петиција, Агенцијата да биде медијатор помеѓу државата и општината за отворање на овој објект.

Имаме машки и женски ракометен клуб, имаме кошаркарски клуб, одбојкарски клуб, имаме повеќе клубови и школи, но за жал немаме ниту една сала, освен двете школски сали каде импровизираме во овие натпревари, ние немаме спортска сала“, вели Рубинчо Седлоски, спортски работник.

 

Најмногу се соочуваме со повреди на децата, затоа што онаа подлога каде што тренираме не е соодветна за кошарка, не е соодветна за колективни спортови, таа е тврда подлога каде не може да се натпреварува и не може соодветно да се тренира на таа подлога“, рече Данаил Домлески, претседател на кошаркарски клуб „Мега Баскет“ Прилеп.

Иницијативата ја поддржаа сите сегашни и поранешни спортисти, како и Сојузот на училишни спортови.

И нормално ние како Сојуз за училишен спорт се надеваме дека ќе ни се растеретат училишните спортски сали кои во овој момент во Прилеп се преоптеретени од поголемите спортски клубови. Тоа во одреден момент нас како училишен спорт нормално ни смета по малку“, кажа Здравко Ристески, претседател на Сојуз на училишни спортови – Прилеп.

 

Со самите спортски настани во градов се развива и економијата, носиме и од страна други спортски натпревари и екипи и од меѓународно ниво, што значи економијата во градот ќе се подобрува“, додаде Кире Здравески, претседател на џудо ветерани од Прилеп.

Од Општината прифаќаат да ја добијат салата во владение и да ја санираат оштетената трибина.

Ако ни ја дадат ние да располагаме сигурно ќе стопанисува Општината, или приоритет би му дале на поодговорни, сериозни клубови кои знаат и умеат како тоа понатаму да го дадат во функција“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Клучот за прилепските спортски сали сега е во Владата, дали од нејасни причини ќе останат затворени или ќе ги користат спортистите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи