Поголем дел од општините се без конкретен буџет и програма за родова еднаквост

Денес, Рурална Коалиција, ги презентираше мониторинг извештаите од 6-те пилот општини во кои што го спроведува проектот „Со европско знаење за подобрена родова еднаквост во локалната заедница“, Кичево, Пласница, Прилеп, Кривогаштани, Гостивар и Врапчиште а се подготвуваше во периодот јули 2022 – јануари 2023 година.

Мониторинг извештаите покажаа дека сите општини имаат назначено координатори за еднакви можности, но тоа се лица кои што се вработени во општините на други работни места, што пак ја оневозможува нивната посветеност и работа на полето на родовата еднаквост. Во најголемиот број на општини, со исклучок на општините Гостивар и Врапчиште, Комисиите за еднакви можности немале состаноци ниту пак презеле некои поконкретни активности во локалната заедница на теми поврзани со родовата еднаквост. Во општините Пласница и Кривогаштани се забележува намалување и на така скромниот буџет кој што го имале за реализација на активности од Програмата за родова еднаквост, па така за реализација на едногодишна програма во овие општините за 2023 година се издвојуваат од 35.000-60.000 денари.

Општина Кичево е со 0 буџет за активности поврзани со родовата еднаквост во 2022 година и без програма за родова еднаквост, а за прв пат средства во износ од 300.000 МКД предвидува во оваа 2023 година кои што ќе бидат наменети за реализација на активности предвидени во Програмата за родова еднаквост која што исто така за прв пат се изготвува за оваа 2023 година. Општина Прилеп, пак исто така нема програма за родова еднаквост за 2022 година ниту пак буџет конкретно наменет за активности поврзани со родовата еднаквост, а во 2022 година поддржале само 1 организација за манифестација за одбележувањето на денот на руралната жена.

Исто така треба да се потенцира дека дел од општините и тоа: Кичево и Прилеп не изготвуваат годишни извештаи за еднакви можности на едниците на локалната самоуправа за напредокот на состојбата со еднаквите можности на мажите и жените, што пак е нивна законска обврска и истиот секоја година треба да го доставуваат до Министерството за труд и социјална политика најдоцна до март наредната година. Само координаторот за еднакви можности и членовите на комисијата за еднакви можности на општина Пласница се вклучени во креирањето на мерките и програмите на општината, додека пак тоа не е пракса во останатите 5 општини.

Немањето на буџет, честите промени на членовите на комисиите за еднакви можности, немањето на доволна едукација и познавање на темите поврзани со родовата еднаквост од страна на членовите на комисиите, како и вработените во општините, невклучувањето на жените од месните и урбани заедници во локалните процеси на донесување на одлуки, немање на редовна и континуирана соработка со граѓанските организации, но и неинформираноста и недоволна едукација кај самото локално население за значењето на прашањето на родовата еднаквост особено во ЕУ интеграциските процеси се главните јазови или предизвици кои што беа идентификувани низ процесот на овој мониторинг.

„Издвојувањето на буџет за реализација на активности за реализација на активности од Програмата за родова еднаквост е клучен елемент кој што треба да го практикуваат општините, но и посебната систематизација на работно место – координатор за еднакви можности бидејќи тоа е единствениот начин како може директно да се зголеми влијанието и состојбата со унапредување на еднаквите можности на мажите и жените во локалната заедница“ спомена во своето излагање Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

Локалната истражувачка, пак, Зујца Газепова, ја истакна спомена важноста од непосредната и директна комуникација на општините со граѓаните и граѓанските организации, особено заради размена на искуства и знаења, а особено го потенцираше фактот дека честата промена на членовите на Комисиите за еднакви можности не овозможува континуирано унапредување на состојбата со родовата еднаквост на терен, а дека ваквите алатки за мониторинг треба да ги применуваат и самите општини и тоа на квартално ниво.

Од тука следни се нашите препораки за унапредување на овие процеси: задолжително изготвување, но и реализација на програма за родова еднаквост во секоја општина, задолжителен годишен буџет кој што линеарно ќе се зголемува секоја година, воведување на систем на внатрешен мониторинг со родово-разделени податоци и статистики на квартално ниво, поврзување на активностите и мерките со родово-сензитивни индикатори, унапредување на соработката со граѓанските организации на ниво на партнери во процесите, обезбедување на подеднаква вклученост на мажите и жените во процесите на донесување на одлуки, прилагодување на локалните политики кон ЕУ директивите и акциски планови, а едукацијата треба да биде клучен и задолжителен дел кој што редовно ќе го практикуваат сите локални чинители.

Оваа јавна презентација на мониторинг извештаите беше реализирана во рамките на проектот „Со европско знаење за подобрена родова еднаквост во локалната заедница“  .

Проектот „Со европско знаење за подобрена родова еднаквост во локалната заедница“  имплементиран од Рурална Коалиција е поддржан од Реактор – Истражување во акција и нивните партнери преку акцијата „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ“. Акцијата е финансирана од Европската Унија и кофинансирана од Шведска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи