И Општина Прилеп денеска постави пункт во центарот на градот за донација за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија. Од Општината велат дека овој пункт ќе биде отворен секој ден од 10 до 16 часот. Собраната донација ќе биде складирана во простории на Јавните претпријатија и ќе биде испратена во оној момент кога ќе се создадат услови за тоа.
„Имаме понудено и екипа од човечки ресурси, екипа од добро обучени пожарникари со возило, да помогнеме и на тој начин. Имаме информација дека етапно, како што имаме одобрувања и насоки ќе бидеме информирани во кој момент таа екипа ќе биде испратена на лице место“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Прилепчани во голем број носеа, храна, облека, обувки, кебиња и постелнини. Ги повикуваат сите кои можат да помогнат.
„Имаме заостанати работи што се здрави, не ги носиме, дома гардеробите знаете кај сите преполни се, а вака барем ќе се најдат за луѓето, нека се средат, нека се стоплат, да можат луѓето барем топло да им биде“, вели еден граѓанин.
„Да помогнеме, колку што можеме донираме. Многу многу тешко, многу жално“, додаде друг граѓанин.
„Што можеме од срце да подариме, има некој што не може да се облечи па да помогнеме“, истакна трет прилепчанец.
„Кој што може се повеќе да донира, дали пари, дали работи, било што“, порача еден од граѓаните кои донираа.
Во понеделник ќе се одржи и седница на Советот на Општина Прилеп на која од буџетот на Општината ќе бидат издвоени околу 500.000 денари помош за Турција и Сирија.