Театарот „Војдан Чернодрински“ ја подготвува новата детска претстава „Пипи долгиот чорап“

Во театарот „Војдан Чернодрински“ се подготвува претставата „Пипи долгиот чорап“ од Астрид Линдгрен, во режија на Кристина Димитрова. Драматизацијата на популарниот текст е на Ивана Нелковска. Ова е самостоен проект на театарот „Војдан Чернодрински“, а премиерата се очекува набрзо.

Димитрова вели дека како театарски режисер често размислувала кои книги, претстави, серии и филмови и се допаѓале како дете и дека тоа е размислување довело до тоа „Пипи долгиот чорап“ да и биде најголемата инспирација.

„Ми се допаѓаше се што беше необично и неконвенционално. Ми се допаѓаа волшебните светови, патувањата во далечните земји и апсурдниот хумор. И бидејќи ми се допаднаа сите овие работи, мојата најголема инспирација е „Пипи долгиот чорап“. Затоа решив да ја поставам на мојата матична сцена, театарот „Војдан Чернодрински“. Всушност претставата ќе говори за слободата, авантурата, незавиноста и големата детска фантазија. Најмладите ќе имаат можност да проследат интересна претстава, со многу музика, во која на сцената ќе бидат пренесени згодите и незгодите на Пипи и нејзините необични авантури. Тоа  ќе биде возбудливо едночасовно патување кадешто најмладите ќе почувстуваат дека се оставруваат сите нивни соништа. Ќе се насмеат и ќе се забавуваат“, вели режисерот Димитрова.

Ќе играат Ангела Наумоска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески и Михајло Миленкоски. Сценографијата ја работи Бојана А. Трпческа во соработка со Петко Ристески,  костимите Христијан Нашуловски, а за музиката е задолжен Томе Темелкоски.

„Пипи долгиот чорап“ e светскa детска класика, преведена на околу осумдесет јазици и дијалекти, а авторката Астрид Линдгрен се смета за една од најпознатите писателки на детски книги ширум светот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи