Попледнево дојави за бомби имаше во 5 основни училишта во Општина Прилеп и тоа: ООУ ,,Кире Гаврилоски – Јане”, ООУ ,,Добре Јованоски”, ООУ ,,Блаже Конески”, ООУ ,,Гоце Делчев” и ООУ ,,Страшо Пинџур”.
„Веднаш по добиените информации за поставени бомби во овие основни училишта, сите вклучени фактори, учениците, наставниот кадар и другите вработени во училиштата брзо реагираа и беа преземени сите потребни мерки за безбедна евакуација на учениците и на сите присутни во училиштата. Исто така беше известена полицијата, ТППЕ Прилеп, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.
Согласно претходно остварените координации и вежби, за среќа се помина во најдобар ред и без никакви несакани последици. Безбедноста на нашите сограѓани е на прво место, остануваме во контакт и во координација со сите надлежни институции се до целосно расчистување за веродостојноста на дојавите. Повикуваме на смиреност и почитување на пропишаните прописи“, велат од Општина Прилеп.