ВИДЕО – Лукароска: Над 150 ученици се останати без превоз поради доцнење на јавната набавка, ако сега потпишам анекс на договорот тоа е кривично дело


Како директор на СОУ „Ѓорче Петров“ Прилеп, пред се’ имам должност да ги информирам родителите на учениците од населените места чии деца учат во ова училиште и користат посебен линиски превоз до и од училиштето, дека сметано од 10.02.2023 година до денес, училиштето нема обезбедено посебен линиски превоз за околу 150 деца кои посетуваат настава, а се од населените места, истакна на денешната прес конференција Петра Лукароска, директорка на СОУ „Ѓорче Петров“.

„Од страна на Општина Прилеп, за тековната 2023 година се обезбедени финансиски средства за спроведување на јавна набавка „Превоз на ученици“ во вкупен износ од 37 милиони денари. За таа цел, Општина Прилеп има издадено согласност за склучување на договор за јавна набавка и го овласти СОУ „Орде Чопела“ да биде носител на групната јавна набавка за превоз на ученици. Предметната постапка е во тек и пред скоро завршување.

Она што треба да се истакне е дека за учебната 2021/2022 година беше склучен договор за јавна набавка за превоз на учениците од населените места. Заради доцнење со отпочнување на постапката за јавна набавка за тековната 2023 година и потребата од превоз за учениците пред крајот на 2022 година, на 28.12.2022 година беше склучен анекс кон основниот договор, со кој важноста на договорот  беше продолжена до 10.02.2023 година. Од 10.02.2023 година наваму, училиштето останува без обезбеден превоз за учениците.
Училиштата кои се вклучени во групната јавна набавка, со исклучок на нашето училиште, со превозниците имаат склучено и втор анекс кон основниот договор за превоз на ученици за 2021/2022 година. Како директор на училиштето, од мене беше побарано и јас да склучам таков втор анекс кон договорот кој важел за претходната учебна година.

Меѓутоа, сакам да укажам на тоа дека анекси кон договорот за превоз на ученици за учебната 2021/2022 година можат да се склучуваат во висина од најмногу 20% од вредноста на јавната набавка, и тоа најдоцна до истекот на 2022 година. Не и во тековната 2023 година, затоа што со Буџетот на Општина Прилеп за оваа година предвидени се средства за превоз на ученици кои единствено можат да бидат потрошени преку постапка за јавна набавка, но не и на ваков начин, преку склучување на втор анекс кон договор кој важел за претходната учебна година.

Вака настанатата состојба, се одразува врз непреченото посетување на наставата од страна на учениците од населените места. Од тие причини, до Одделението за јавни дејности на Општина Прилеп, како и до носителот на групната јавна набавка за превоз за 2021/2022 година, Гимназијата „Мирче Ацев“, беше укажано на состојбата. Истовремено, од нив беше побарано мислење, дали постои согласност за склучување на еден ваков анекс договор, но до денес од нивна страна немаме добиено никаков одговор.

Заради утврдување на причините кои доведоа до ваквата состојба, но и утврдување на одговорноста за неизвршување на надлежностите околу организирање на превозот на ученици од страна на Локалната самоуправа, денес до Државниот просветен инспекторат ќе биде поднесена иницијатива за вршење на вонреден инспекциски надзор, со цел да се лоцира чија е одговорноста за настанатиот проблем.

Уште еднаш, од името на колективот на СОУ „Ѓорче Петров“ изразувам жалење за настанатата состојба. Истовремено, до родителите на учениците од населените места упатувам апел, во следниот период од 8-10 денови додека заврши јавната набавка, доколку имаат можност, сами да го обезбедат превозот на учениците до училиштето и назад, се’ со цел учениците да не ги пропуштаат наставните активности.

Во овој момент јас сум доведена до таква ситуација да не можам да го потпишам вториот анекс, бидејќи заврши првиот анкес кој важеше до 10.02. Во овој вакум простор ако јас потпишам втор анекс, јас ќе влезем во дејствие за кое што можеби ќе бидам и кривично гонета“, рече Лукароска.

Нејзиниот правен застапик, адвокатот Жарко Стеваноски, изјави дека во конкретниот случај за спорниот анекс број 2, кој што е спорен за потпишување, локалната самоуправа пред неговото потпишување остварила средба со директорите на четирите средни училишта, со исклучок на СОУ „Ѓорче Петров“.

„Претпоставувам им било кажано на директорите да го склучат таквиот договор. Законот за јавни набавки забранува по истекот на важноста на основиот договор да се продолжува со анекс времетраењето, или да се изменува во поглед на вредноста договорот за јавна набавка. Во конкретниот случај се работи токму за таква ситуација и склучувањето на таков анекс договор значи црпење на средства од основниот буџет на Општина Прилеп кои не биле предвидени со буџетот за 2023, односно практично се упатува на црпење на средства без јавна набавка од оние кои буџетот на Општина Прилеп ги обезбедила за 2023 да се трошат со јавна набавка.

За жал ваквата ситуација ги приморала директорите или да склучат вакви договори со цел да има непречен превоз на учениците, но од друга страна повлекува одговорност согласно Законот за јавни набавки, затоа што се заобиколува цела една постапка за јавна набавка, сепак се работи за милионски договори кои за конкретниот период не знам колкава би била вредноста, 2 или 3 милиони денари кои овие училишта треба да им ги исплатат на превозниците, а на таков начин во незавидна ситуација ги ставаат и самите превозници, затоа што како правни лица се должни да знаат на кој начин се должни да ги обезбедуваат средствата преку постапките за јавни набавки“, вели Жарко Стеваноски, адвокат.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи