Општина Прилеп: Лукароска да си даде неотповиклива оставка затоа што таа е одговорна за тоа што нема превоз


Локалната Самоуправа на Општина Прилеп сака да ја информира јавноста и да потенцира дека за одржување на воспитно образовниот процес во секое училиште најголемата и првична одговорност ја сноси директорот на училиштето. Со оглед на фактот дека во сите средни општински училишта во Прилеп имаме редовна настава освен во Средното општинско училиште Ѓорче Петров, Општина Прилеп ја повикува директорката Петра Лукароска да си поднеси неотповиклива оставка затоа што и самата во својата изјава кажува дека училиштето нема обезбедено превоз за своите ученици да посетуваат редовна настава, се вели во денешното соопштение на Општина Прилеп, кое доаѓа по прес конференцијата на директорката на СОУ „Ѓорче Петров“.

„Истата директорка е една од петте поранешни директори на средните општински училишта во чие што училиште во текот на првото полугодие на учебната 2021/2022 година, учениците се возеа без никаков договор со превозниците а истата не знаела дека превозниците ги носат децата а немаат склучено никаков договор.

Позадина на ваквото работење на директорката во ова средно училиште е и тоа што по секоја цена сака да го задржи директорското место без разлика што со тоа им нанесува непроценлива штета на учениците, а исто така и дополнителен аргумент за нејзините пропусти и недоверба во работата е постапката за нејзино разрешување покрената од страна на Училишниот одбор.

Исто така сакаме да напоменеме дека истата директорка  на вчерашниот наставнички совет била застапувана од адвокат. Па ја прашуваме дали таа се плаши од своите колеги наставници или сака да ги заплаши. Ова е единствен преседан во Република Македонија, наставничкиот совет да го води адвокат на место директорот кој што зема менаџерска плата, а воедно и прашуваме кој ќе ги плати адвокатските услуги.

Уште еднаш потенцираме директорката на СОУ Ѓорче Петров под итно да си поднесе оставка се со цел да ги заштитиме децата како и родителите од постапките на ваквите менаџери. Бараме од Државниот просветен инспекторат да излезе итно на терен да ја констатира состојбата во училиштето и да го санкционира незаконското работење“, велат од Општина Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи