Во Прилеп промовирана книга за г.г. Ангелариј

Во прилепската библиотека „Борка Талески“ синоќа беше промовирана книгата-монографија „Светиклиментовото кандило гордо светеше во рацете на г.г. Ангелариј“, документи, наводи и коментари, од авторот Бранко Стојаноски.

Монографијата на авторот Стојаноски, по професија лекар-интернист и внук на поранешниот поглавар на МПЦ кој загина во сообраќајна несреќа 1986 година, е во 11 поглавја на 350 страници како значаен документ за еден од македонските црковни великани, воедно меѓу значајните личности на Прилеп од каде потекнува и ги поминал свештеничките денови. Стојаноски смета дека сè уште не е доволно кажано за г.г. Ангелариј.

„Оваа книга-монографија е посветена на 35 годишнината од загинувањето на дедо Ангелариј (загина во сообраќајна несреќа во1986 година). Уште од најрани години почнав да собирам податоци за нашата фамилија. Јас сум внук на дедо Ангелариј. Тој е брат по баба на мојата мајка. Податоците ги собирав 30-тина години. Живеам во Германија, и во времето на короната работев интензивно на монографијата. Ги систематизирав сите информации, тоа е огромен број за целата фамилија. Сето се систематизираше на 350 страници. Оваа е прва промоција во Македонија. Имаше една промоција пред две-три недели во црковната заедница во Берлин. И неслучајно овде во Прилеп, зашто г.г. Ангелариј е една од најмаркантните личности на градот. Тука тој беше и свештеник, во црквата „Свето Благовештение“, познат на сите прилепчани како отец Цветко Крстески. Тој е многу значајна личност и во Македонската православна црква и, генерално, за Македонија. Сакам неговите лик и дело повеќе да допрат до народот. Има три светли моменти по неговата смрт: постхумна награда на Прилеп „9 Септември“, во 2001 е издадена книга со негови беседи и во 2011 година, по повод 100 години од неговото раѓање е издадена и поштенска марка. Сметам дека има што да се пишува за него уште, не е доволно кажано“, објасува Стојаноски.

Моника Талеска, промотор, директорка на библиотеката „Борка Талески“ вели дека авторот, меѓу другото, ја отвора темата за загинувањето на г.г. Ангелариј.

„Оваа монографија сметам дека има голем придонес, не само во македонската кнбижевост, туку и во фактографијата, документаристиката, како и во македонската историја, особено оној дел кој е посветен на Македонската православна црква. Книгата изобилува со бројни фотографии кои доаѓаат од приватниот албум на семејството Крстески од каде потекнува Неговото Блаженство г.г. Ангелариј, е дедо на авторот. Тоа само по себе говори дека авторот Стојаноски е силно емотивно врзан за содржината, за темата, а и во исто време за ликот на г.г. Ангелариј. И оттаму доаѓа авторовата посветеност и изборот на содржините во книгата. Монографијата за г.г. Ангелариј почнува со пошироко претставување на семејството Крстески чии предци имаат улога во битката на македонскиот народ за создавање своја држава. А тој начин го промовира борбениот дух на г.г. Ангелариј. Според мене, многу значајно е што авторот по 36 години ја отвора дилемата околу сомнежите, односно недорасветлените, според него, причини за сообраќајната несреќа во која загинува г.г. Ангелариј. Книгата е збогатена со повеќе анекси низ транскрипти на аудио интервјуа со членовите на неговото семејство, а се пренесени и интервјуа со г.г. Ангелариј објавувани во ревии, списанија во тогашните ЈУ простори со оглед на неговата улога во борбата за признавањето на МПЦ.“

Промоторот Слободан Беличански монографијата за г.г. Ангелариј ја нарекува фактографски богата и емотивно возбудлива книга.

„Оваа монографија покажува негување на една култура на сеќавањето, однос кон великаните од црковно потекло и, воопшто, однос кон сите оние што се заслужни во црковната и во националната историја на нашава земја. Станува збор за еден македонски великан, за човек кој, и покрај сета негова величина, останал едноставен и скромен, верен на начелата на христовата вера и човек за кого, мошне убаво, поетично, се искажува и самиот автор: гордо го носеше в раце Светиклиментовото кандило, покажувајќи го македонскиот црковен континуитет, и културен и идентитетски, од првиот поглавар до денес. Монографијата е добро систематизирана во 11 делови, распоредени на 350 страници со чувство за мерка и е резултат на истражувачки и пишувачки труд на авторот“, рече на промоцијата Слободан Беличански.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи