Тошо Тана и неговиот син Тома Тана од Крушево се единствените занаетчии во Македонија кои произведуваат дрвени санки. Со производство на овие санки започнал таткото на Тошо Тана во 1999, година, а моделот на санката го зел од словенски ЕЛАН. Во својата дрварска работилница произведуваат исклучиво само санки. Преку целата година ги произведуваат деловите за санката, кои ги има околу 20, а потоа од месец септември и октомври започнуваат со состанување на санките за да бидат готови за продажба.
„Како започна производството на овој оригинален и уникатен модел на санки?
Идејата ни дојде после распадот на Југославија, кога се прекина во Словенија производството. Рековме ајде ние да почнеме, зедовме една санка, направивме калапи, почнавме да работиме, татко ми работеше 50 години дрвенарија и од 1999 година почнавме само на санки да работиме. Еве до ден денес работиме, добро е.
Значи моделот е земен од словенски Елан?
Да, оригинал словенски Елан. Тие калапите ги извадовме, ги дотеравме и еве ги сега извадовме 2-3 модели, правиме мали, големи, мали со потпирач за деца ги порачуваат.
Освен вас во државава никој не ги произведува?
Моментално не, нема. Ги усовршуваме секоја година по нешто, но нема во Македонија друг производител.
Колку е тешко да се направи еден ваков модел и колку време е потребно?
Работиме цела година на нив, многу има делови, на машина вадиме по повеќе делови од секоја санка за да може после септември да почнеме да склопуваме, а цела година правиме само делови.
Значи цела година ги изработувате само деловите за санките?
Да, овие исто се лепат цела година.
Најкомплицираниот дел практично е овој тука?
Да, тие стојат во калапи по неколку дена и после од септември месец ги склопуваме за да има во зима.
Од колку делови е составена една санка?
Па има преку 20 делови, само е голема процедура бидејќи секој дел мора по неколку пати на машина да се помине, комплицирано е. Вака се гледа едноставно, но има неколку фази во изработката“, вели Тошо Тана, производител на санки.
Од пред извесен период започнал да работи со овој бизнис и синот Тома. Производството на санки во семејството Тана е фамилијарен бизнис, немааат други вработени. Санките се изработуваат исклучиво од буково дрво.
„Има посебен начин како се обработува ова дрво?
Да има посебен начин, треба да биде суво, бидејќи ако е водено ќе испука многу лесно. Секоја штичка е сува минимум 2 до 3 години, колку што има сантими толку мора да биде сушењето на штицата за да биде идеално сува за обработка.
Во зависност од побарувачката, затоа што долго работиме со санките, имаме речиси низ цела Македонија, во продавници за играчки, печатарници, секаде имаме склучено за продажба на санките.
Значи може да се најдат буквално секој град во Македонија?
Во секој град, плус имаме дадено за изнајмување во Алто Крушево, во Маврово, Шапка, што ги земаат за изнајмување. Тоа е начинот на продажба на санките, сега малку е помодерно, пуштаме и реклами во овој период на Фејсбук за да можат тие што нема да ги видат, сега можат многу полесно да ги видат санкиве.
Значи може и преку карго?
Да, преку карго најлесно функционира, но најголемата реклама вака кога нема снег како оваа година ни оди преку Фејсбук и луѓето со кои работиме континуирано секоја година“, кажа Тома Тана, производител на санки.
Досега за 24 години имале произведено од 5 до 6.000 санки. Оваа година произвеле 320.
„Ги усовршуваме санките, не се повеќе рамни лајсните, делот каде што пишува рекламата наша Аполо Крушево порано се пишуваше со мастило, сега почнавме и да ги гравираме. Да биде нешто друго и поинтересно.
Дали освен во Македонија, можеби овие санки завршиле и во странство?
Да, пред 7-8 години носевме и во Солун, но тоа беше кратко.
Оваа година колку санки произведовте?
Годинава имаме произведено 320 санки, а имавме спремно делови за околу 500 санки.
Дали на тоа влијаат климатските промени, односно немањето на снег и поблагите зими кои ги имаме?
Да, има големо влијание. Доколку заврни снег полесно оди продажбата, но имаме и поголема побарувачка, не мора ние да се трудиме, луѓето сами идат и ги купуваат санките. Крајот на декември и за Божиќ како подарок секој би купил ваква санка и тој период без разлика дали има снег или нема, за роденден, за Божиќ, за Нова Година ги купуваат санките.
Како млад човек, дали гледаш перспектива и иднина во овој занает?
Па да, гледам перспектива затоа што веќе ја знам постапката како се работи, што се работи, цела постапка ја имам научено од дедо ми и од татко ми и слободно можам да ја работам оваа работа“, додаде Тома Тана, производител на санки.
Тома вели дека негова желба е во иднина да се насочи овие санки освен во Македонија, повторно да започне да ги продава и во странство.