Над 70 граѓански организации кои покренаа иницијатива за промена на Законот за задолжително здравствено осигурување за да може регистрираните жени земјоделки да имаат платено породилно отсуство ја поздравуваат донесената Програма на Министерството за земјоделство за обезбедување на социјална сигурност за жените земјоделки и мерката за финансиска поддршка во износ од 81.000 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство. Но сепак бараат во иднина тоа да се трансформира во Законско решение, а не да остане само на ниво на програма.
„Системско решение за да жените земјоделки бидат видливи во системот, а после добивањето на право на породолно отсуство или напоредно со овој процес да се работи на Законско решение за обезбедувањед на право на платен надоместок при отсуство од работа поради болест и за земјоделците кои имаат статус на индивидуален земјоделец според законот за пензиско и инвалидско осигурување“, истакна Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Исто така сметаат дека и оваа одлука е дискриминирачка затоа што од жените земјоделки се бара исполнување на одредени критериуми, за кои не се обврзани останатите жени при добивањето на платени породилно отсуство.
„Исчекор позитивен е тоа што Министертсвото за земјоделство од оваа година ќе пилотира мерка за социјална сигурност и на жените ќе им биде овозможено 9.000 денари месечен приход во траење од 9 месеци, меѓутоа она што нас непријатно не изнеднадува се дополнителните критериуми што жените земјоделки ги имаат за да го остварат ова право. А тоа е 12 месеци да се регистрирани и да плаќаат редовно придонеси за пензиско и здравствено осигурување, што кај другите работнички е 6 месеци за да остварат вакво право, како и дополнителните критериуми во однос на остварувањето на приход и добивање на финансиска поддршка од државата што мислиме дека ќе го отежни пристапот да овие жени земјоделки да користат мерка за мајчинство“, додаде Тошеска.
Граѓанскиот сектор бара промените во законот за работни односи и задолжително здравствено осигурување да се случат што е можно поскоро и жените земјоделки да станат видливи и препознаени од системот кај нас.