Има ли државата капацитет за е-општество и за борба против хакерите?

Facebook
Twitter
Email
Print

Просечната плата во секторот компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности во декември минатата година била 88.192 денари и е за пет проценти поголема во однос на истиот месец лани, покажуваат новите податоци од Државниот завод за статистика. Ова е втора најголема просечна плата во државата, зад платите во воздухопловниот транспорт, каде што просекот е 94.537 денари. Националниот просек на платите, пак, е 34.364 денари.

Во денешно време, за да функционира едно општество, потребни се врвни ИТ-експерти. Во спротивно, кога податоците се во електронски записи, кога се развиваат и кога мора да се доразвиваат е-услугите, ако нема добар тим, последиците може да бидат катастрофални. Од другата страна се и оние кои ги злоупотребуваат информациските системи, кои бараат откуп на податоци, но и глобални играчи кои креираат хибридна војна.

Она што во вакви услови станува едно од централните прашања за јавниот сектор е – како да се обезбедат квалитетни ИТ експерти. Фактите се следни: за најдобрите, со стекнато искуство, секогаш се отворени вратите на бројните компании кои нудат аутсорсинг услуги за цел свет, независно од каде ќе се работи, па многу програмери кои работат од Македонија земаат европски плати и по 3.000 и 4.000 евра. Наспроти нив, вработените во ИТ секторот во државниот сектор имаат примања согласно регулативата која ги одредува вредносните бодови на платите. И каде што големите заработки се невозможни. Една од опциите на јавниот сектор е и тие да користат аутсорсинг услуги, што и се прави, но она со кое се соочуваме се низата проблеми од бенигно паѓање на сајтот на некоја државна институција до малигно „исчезнување“ на податоците на Фондот за задравствено осигурување.

Македонија не е изолиран остров во однос на хакерските напади. Цел свет се соочува со разни форми на напади, но прашањето е дали Македонија прави доволно да се заштити? Случувањата во Фондот за здравство сериозно ја раздрмаа јавноста и покажаа што може да се случи. Експертите порачаа дека не се знае што се случува со сензитивните документи од најопсежната база на податоци за два милиони осигуреници.

Универзитетскиот професор Орце Симов, кој е и претседател на ИТ комората при ССК, јасно објасни дека има начин ваквите напади да се превенираат, да се зголеми безбедноста на системот, да се поставуваат офлајн бекапи, како и Disaster recovery center, кој што би ги преземал сите ИТ услуги доколку првобитниот систем од различни причини престане да функционира. Но, дали го имаме тоа?

Нефункционирањето на Фондот доведе до тоа да не можат да се исплатат платите, боледувањата, рефунадациите. Хакерите ова не го прават од забава, туку за уцена. Вчера, конечно, Магдалена Филиповска Грашкоска, генералната директорка на Фондот за здравство, одржа брифинг со новинарите, но  рече дека не смее да изнесува детали за тоа дали хакерите барале откуп за враќање на податоците и извести дека за случајот е отворена истрага. Во меѓувреме, медиумите известуваа за неофицијалната, непотврдена информација дека хакерите, за да ги вратат податоците, бараат 40 милиони евра во криптовалути.

Во Македонија хакерските напади стануваат честа појава. Некогаш пак, поради технички проблеми, паѓаат информациските системи на институциите. Во јавноста, пак, јавна тајна е дека и хакерските упади се задскриваат зад техничките проблеми.

Како и да е, крајниот ефект е –  дисфункционалноста. Само за потсетување: не така одамна една недела не функционираше системот на Бирото за јавни набавки, имаше „паѓање“ на сајотот на УЈП, а во исто време не функционираше ниту веб страницата и системот за корисниците на Катастар, а не се отвораше ниту страницата на Народната банка…

Деновиве, пак, од УЈП и од МВР пристигна предупредување граѓаните да не веруваат на СМС пораките и електронските писма наводно испратени од овие две институции, да не се кликнува на линковите и да не се внесуваат лични податоци затоа што станува збор за измамничка кампања.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, коментирајќи ги веќе секојдневните дојави за поставени бомби во училишта, трговски центри…, па  дури и во резиденцијата на претседателот на државата, рече дека Македонија е дел од хибридната војна која не се води само кон нас.

„Загриженоста е голема, меѓутоа и целта на ваквите хибридни напади е токму тоа. Да се воспостави немир кај граѓаните, да има несигурност, да се влијае на институциите, да се трошат безбедносните служби во државата“, изјави Спасовски.

Македонија како дел од глобалниот свет е исправена пред големи ИТ предизвици, а за справување со нив се потребни врвни ИТ експерти.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/drzhavniot-sektor-ima-potreba-od-vrvni-it-ekspoerti-no-dali-se-dostapni/

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи