ВИДЕО – Седенките и обичаите за Прочка на здружението „Мајка Традиција“ од Прилеп


Здружението „Мајка Традиција“ од Прилеп кое брои 40-тина членови е вистински чувар на нашите обичаи, фолклор и се она што ни го оставиле во аманет нашите предци. Барем еднаш неделно се собираат во нивниот клуб, или т.н. „Етно соба“ каде се дружат, разменуваат искуства, се шегуваат, но и ги подготвуваат најубавите македонски стари специјалитети. Особено се познати нивните дружби кои ги нарекуваат прилепски седенки. Ги посетивме на една нивна ваква седенка на која ни раскажаа околу адетите во Прилеп за празникот Прочка.

„Си се собираме вака со зелници, со јадење, слатки, колачи, многу работи. Прилепската жена не само да работи, таа знае да си даде многу убаво расположение на душата и сега треба да направиме за Прочка што треба да направиме, си месиме кора, вариме јајца, правиме благо, баклави, кадаифи. Во неделата сабајлето стануваме и си ги преправаме дечињата, со таткото ако се помали ќе појдат кај тетката, бабата, стрината, вујната, кај пријатели, а поголемите цел ден се преправени и одат во центарот. Во центарот имаме голема забава, кај нас се прави големата манифестација Прочкари“, вели Љубица Петреска, претседател на здружението „Мајка Традиција“.

Но обичаите во Прилеп продолжуваат и по празникот Прочка, кога започнува Велигденскиот пост и доаѓа Тримир, кога оној кој држи Тримир не јаде и не пие ниту вода 3 дена, а потоа на третиот ден, во средата, се причестува во црква. За тој ден, за ручек следуваат нови вакви седенки.

„Тие што држеле Тримир и невестите што се свршени на тримирна среда си прават гозба. Таа гозба е голема, таа е посна, затоа што од Прочка почнуваат велигденските пости. На Тримир невестата оди кај мајката со свекрвата, со јатрвата, со золвите, пријателки и си прават ручек“, додаде Петреска.

За Прочка најважно е простувањето, што е суштината на овој празник.

„Се простуваме, еве јас можам да кажам за моите внуци, имам 4 машки внуци, сите адети си ги тераат, знаат да се простат, ги терам да клекнат на колена, по старски и да ми бацат рака. Велам ако не сум премногу стара, но ќе ми бакнете рака и да си простиме, тие ми велат прости ми бабо, јас им велам простено и од Бога ви е“, истакна Блага Станкоска, членка на здружение „Мајка Традиција“.

Во оваа Етно соба кога ќе влезете се чувствувате како да сте се вратиле во минатото. Ќе ве пречекаат голем број народни носии обесени по ѕидовите, килими, везени и плетени работи како и голем број други стари предмети. Членките на „Мајка Традиција“ не се плашат воопшто дека традицијата ни е во опасност се додека сите ние си ја почитуваме.

Мое мислење дека нема опасност да има, традицијата ќе си продолжи. Еве ги малите деца, бабо кога ќе се преправаме, кога е Прочка, кога ќе амкаме, значи традицијата продолжува“, кажа Марија Наумоска, членка на здружение „Мајка Традиција“.

 

Еднаш во неделата, на пример во четврток во 2 часот се збираме сите, си пиеме кафе, си мезиме нешто и се договараме за наредната недела што ќе биде активна „Мајка Традиција“, вели Рајна Даскалова Оклеска, членка на здружение „Мајка Традиција“.

Освен тука во Македонија членките на „Мајка Традиција“ велат дека овие обичаи се почитуваат и кај нашите иселеници во странство.

 Моментално баш сношти слушав дека во Швајцарија во недела имаат голем карневал, христијани и католици, со истава традиција што е кај нас“, додаде Марга Неделкоска, членка на здружение „Мајка Традиција“.

 

Мојот син живее во Ливерпул, лани беа дојдени баш за Велигден и сега бидејќи ние ќе одиме за Велигден порачаа да однесиме боја за јајца, таму да си ја направат традицијата“, кажа Билјана Василеска, членка на здружение „Мајка Традиција“.

А секоја дружба ако не заврши со македонска песна нема да биде потполна.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи