Полицијата утврди дека се лажни дојавите за поставени бомби во училишта во Скопје и Прилеп, како и во Основниот суд во Охрид. Во соопштението од Министерството за внатрешни работи е наведено дека по извршените проверки во објектите утврдено е дека нема поставено експлозив.
Оттаму велат дека се направени сите потребни проверки во врска со пријавите кои пристигнале во 21 средни и 11 основни училишта на територија на Скопје, како и едно основно во Прилеп и Основен суд во Охрид.
Министерството наведува дека веднаш по добиените пријави, полицијата презела мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Досега сите испратени дојави за поставени бомби во изминативе пет месеци, по проверките, се покажа дека се лажни. И додека дојавите не престануваат, властите се правдаат дека испраќачите тешко се откриваат и дека се работи за хибридна војна.