Пекарите се заканија дека ќе престанат да произведуваат леб ако Владата ги замрзне цените

Пекарниците ќе го прекинат производството на леб ако се донесе одлуката за замрзнување на цената на лебот на 33 денари, изјавија денес на прес конференција производителите на леб.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека Владата утре ќе ја замрзне цената на лебот, која не смее да биде повисока од 33 денари за леб кој не смее да биде помал од 450 грама оти малкумина од производителите ја намалиле цената додека користеле субвенции за струјата.

Со тоа не се согласуваат од пекарската индустрија кои велат дека доколку се замрзнат цените на 33 денари за парче леб, индустриските пекарници ќе се соочат со штети од илјадници евра на ден.

„Производителите ги намалија цените на лебот според висината на учеството на струјата во определување на крајната цена. На пазарот имаме разни варијации, разни тежини на леб и за населението за кое мислиме дека е социјална категорија веќе постојат цени на лебот. Мерката на Министерството за економија ќе донесе штети од 3.000 до 15.000 евра на ден кај производителите на леб, а некои ќе затворат. Донесовме едногласна одлука дека дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цената на лебот во ‘Службен весник’, од следниот ден нема да се произведува леб и нема да се носи на пазарот. Секоја компанија си има свои трошоци и според нив ја одредува цената. Никој не го тераме со сила да купи леб од 50 денари ако веќе постои леб од 30“, рече Горан Малишиќ, претседател на групацијата за мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора на Македонија.

Малишиќ додаде дека групацијата е отворена за преговори со Владата за изнаоѓање на заедничко решение и посочи дека одлуката што денеска ја донеле не е бојкот туку спас на индустријата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи