И покрај тоа што просечната плата во Македонија достигна 34.354 денари во декември, таа и понатаму останува најниска во однос на поранешните југословенски републики. Но, вистинската вредност на платите лежи во нивната куповна моќ.
Обично, се вели дека платите се пониски, но и цените во Македонија се пониски. Порталот „Пари“ провери колку има вистина во тоа. Зедовме предвид 5 основни прехранбени производи и ги побаравме нивните цени во онлајн продавниците на земјите во регионот. Потоа, споредивме за колку пари може да се купи секоја од тие пет намирници со просечната плата од секоја земја. Податоците за Македонија се разочарувачки.
ВО НИШТО НЕ СМЕ НАЈЕВТИНИ
Под лупа ги ставивме цените на лебот, јунешкото месо, млекото, сирењето, и сончогледовото масло за јадење. Споредбата на цените покажува дека во ништо не сме најевтини, но затоа, заедно со Словенија, имаме најскапо јунешко месо во однос на сите анализирани земји (за споредбата зедовме јунешка плешка). Убедливо најевтино јунешко месо имаат во Црна Гора.
Што се однесува до лебот, во моментов, додека ги правиме споредбите, еден килограм кај нас е поевтин отколку во другите земји, освен во однос на Србија, каде Владата направи ограничување на цената на лебот на 57 динари за 500 грама леб со точно одредени состојки во лебот, и таа цена ќе важи до 30 јуни 2023 година. Но, како што најави министерот за економија, Крешник Бектеши, во вторник на седница на Владата ќе се донесе одлука за замрзнување на цената на лебот на 33 денари, со важност од 1 март.
Цените покажуваат дека најевтино млеко може да се најде во хрватските онлајн маркети. Македонија има слични цени на млекото со Босна и Херцеговина и со Србија, околу 1,2 евра за литар, со масленост 3,2 проценти.
И цената на сирењето е најниска во Хрватска, а највисока е во Словенија, каде и цената на млекото е најскапа. Цената на кравјо сирење е иста во Македонија, во Србија и во Босна и Херцеговина. Споредбата на сличен тип на сирење покажа дека кај сите три земји еден килограм чини 6,5 евра.
Во Црна Гора има и најевтино масло за јадење, од само 1,1 евро, а кај нас и во Босна и Херцеговина чини 1,9 евра.
Цени на производи во регионот
ЗЕМЈА | ЛЕБ БЕЛ 1 КГ | ЈУНЕШКА ПЛЕШКА 1КГ | МЛЕКО СО МАСЛЕНОСТ 3,2 % ‒ 1Л | КРАВЈО СИРЕЊЕ 1 КГ | СОНЧОГЛЕДОВО МАСЛО 1 Л |
Македонија | 1,5 евра | 12,0 евра | 1,25 евра | 6,5 евра | 1,9 евра |
Словенија | 2,0 евра | 12,0 евра | 1,59 евра | 9,4 евра | 2,8 евра |
Србија | 0,97 евра | 10,25 евра | 1,28 евра | 6,5 евра | 1,8 евра |
Црна Гора | 2,0 евра | 8,0 евра | 1,60 евра | 6,0 евра | 1,1 евра |
Хрватска | 2,0 евра | 9,95 евра | 1,06 евра | 4,8 евра | 1,7 евра |
Босна и Херцеговина | 2,0 евра | 11,0 евра | 1,20 евра | 6,5 евра | 1,9 евра |
Извор: онлајн продавници
НАЈНИСКА ПЛАТА МЕЃУ ЕКС-ЈУ ЗЕМЈИТЕ
Сите земји ги објавија податоците за просечните плати во декември 2022 година. Според официјалните статистички податоци на одделните национални економии, Македонија и понатаму има најнизок просек во регионот, односно просекот се движи од нашите 558 евра до просекот во Словенија од 1.419 евра.
Просечни плати во регионот
ЗЕМЈА | ПРОСЕЧНА НЕТО-ПЛАТА |
Македонија | 558 евра |
Словенија | 1.419 евра |
Србија | 716 евра |
Црна Гора | 727 евра |
Хрватска | 1.045 евра |
Босна и Херцеговина | 608 евра |
Извор: Официјални статистички податоците на националните агенции за статистика
ОД СИТЕ АНАЛИЗИРАНИ ДРЖАВИ, НИЕ НАЈМАЛКУ МОЖЕМЕ ДА КУПИМЕ МЕСО, СИРЕЊЕ И МАСЛО
За да видиме колку навистина вреди една просечна плата најдобро е да ја претвориме во основните прехранбени производи.
Податоците што ги добивме покажуваат дека со една просечна плата од сите анализирани земји, ние најмалку можеме да купиме месо, сирење и сончогледово масло за јадење.
Колку кг/л може да се купи со една плата?
ЗЕМЈА | БЕЛ ЛЕБ | ЈУНЕШКА ПЛЕШКА | МЛЕКО 3,2 % | КРАВЈО СИРЕЊЕ | СОНЧОГЛЕДОВО МАСЛО |
Македонија | 372 кг | 45,5 кг | 446,4 л | 85,8 кг | 293,7 л |
Словенија | 709,5 кг | 118,2 кг | 892,4 л | 151 кг | 506,8 л |
Србија | 738,0 кг | 69,8 кг | 559,4 л | 110 кг | 397,8 л |
Црна Гора | 363,5 кг | 90,8 кг | 454,4 л | 121 кг | 660,9 л |
Хрватска | 522,5 кг | 105,0 кг | 985,8 л | 217,7 кг | 614,7 л |
Босна и Херцеговина | 354,0 кг | 55,3 кг | 506,6 л | 93,5 кг | 320,0 л |
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/infografici-jademe-nasjkapo-meso-vo-regionot-so-platata-mozhe-da-kupime-dvojno-pomalku-mleko-od-slovencite/