Овој звук на чеканот и на наковалната кој уште од рано изутрина секој ден одекнува во прилепската чаршија е последниот жив сведок на едно минато време кога тука имало безброј занаети. Бочвари, кујунџиии, ортомџии, дограмаџии, самарџии, ковачи. Денес од тоа нема ништо. Зоран Михајлоски е последниот ковач не само во Прилеп туку и во целиот Пелагониски регион па и пошироко. Поради оваа ситуација имал муштериии од сите околни градови.
„Во Прилеп мислам дека сум единствен, во Битола знам дека немаат со сигурност, Ресен немаат, Охрид мислам дека и таму нема, во Кичево има двајца, Радовиш и помеѓу Кавадарци и Неготино мислам дека има еден и тие сме. Крушево нема, така да намалени сме многу. Идат од другиве градови, од Битола многумина, од Крушево идат, се стасува колку што се може, главно се стасува. Нема којзнае колку работа, но сепак добро е, има работа, тоа што е се стасува.
Што значи да си ковач, што изработува ковачот денес, затоа што голем дел од младите генерации не ни знаат?
Не може да знаат кога немаат ни видено. Што значи да си ковач, претежно сме ние на земјоделски алати, не она што го гледаат на итнернет со ножеви, сабји, претежно земјоделски работи, секири, вили, мотики, ралници за орање, таква работа“, рече Зоран Михајлоски, последниот ковач во Прилеп.
Занаетот го презел од неговиот дедо, таткото на неговата сопруга. Тој сега е 4 генерација ковач во ова семејство. На ѕидот се поставени сликите на неговите предци кои го работеле ова.
„Колку младите денес ги сакаат занаетите, на пример ковачкиот занает?
Вака кога ќе дојдат помлади луѓе да прашаат нешто за работа викаат браво, вака, така, но никој нема прашано да види како, што, дали да поработи, да поседи, да види, таква работа не. Инаку интересно им е вака кога ќе поминат, помини – замини речено по прилепско“, додаде Михајлкоски.
Како и секој занает така и овој си има свои тајни, за кои Зоран вели се учат цел живот.
„Чукањето си е чукање, топлината се гледа по бојата на железото кога ќе го извадиш од оган, но најголемата техника е калењето. Ако го погодиш калењето, се‘ си погодил.
Што е тоа калење?
Кога ќе биде готов производот, секира на пример, тоа треба да се кали. Тоа излегува јаглеродот што е во материјалот, излегува на површина и го зацврстува материјалот.
Односно го ставате во кофа со ладна вода?
Во вода. Што гледаат луѓево на интернет дека ги брцкаат скрос таму во некои емулзии, јас ги калам така во вода
„Колку време е потребно да се научи човек да стане ковач, вие колку години учевте?
Јас уште учам, се некои новитети. Не можеш да знаеш се‘, тоа е нормално“, кажа Михајлоски.
Рубин Трајкоски е негов помошник со години. И тој вели дека денес тешко ќе опстојат занаетите без интерес на младите.
„Тешко, помладата генерација нема интерес, занаетот изумира, тоа е.
Зошто?
Не знаеме и самите, немаат љубов, сето е фрлено на брза пара, без пот“, додаде Рубин Трајкоски, помошник на Михајлоски.
Освен муштериите често пати го постувале и многубројните туристи од целииот свет кои доаѓаат во Прилеп.
„Поминале Словенци, Американци, Англичани и ред други од Балканов, Босанци, Хрвати и сликаат, нормално. Некој некогаш ќе купи нешто рачна изработка“, изјави Михајлоски.
Уште колку долго овој звук ќе се слуша низ чаршијата и дали повторно занаетите ќе ја вратат својата популарност кај младата генерација останува да покаже времето.