Владата ги замрзна цените и на тестенините и млечните производи

Владата денска донесе одлука за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи, со што треба да се намали цената на овие продукти за 10 до 15%.

Како што истакна премиерот Димитар Ковачески, макароните и шпагетите треба во просек да се намалат за 8-9 денари, додека цената на млекото, урдата, сирењето, кашкавалот, павлаката, киселото млеко и јогуртот се очекува да падне за 10%.

„Уште минатата година најавив дека сега не е време за изобилие, туку време кога сите треба да се издигнеме над сопствените, лични интереси и да покажеме солидарност. Одговорност од страна на компаниите, но и наша одговорност, како Влада која има механизми да влијае и да не дозволи нарушување на дисбалансот на домашниот пазар во однос на понудата и побарувачката“, рече Ковачески.

Преку објава на својот фејсбук-профил се огласи и директорот на Пазарната инспекција, Горан Трајковски кој напиша дека се согласува со одлуката на Владата и оти цените се апсолутно издржани.

„Одлуката со која се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на определени видови тестенини и одлуката за утврдување највисоки цени на одредени видови млеко и млечни производи што ги донесе Владата се апсолутно издржани и сосема се согласувам со нивната цел, а тоа е да им се излезе во пресрет на граѓаните и нивните потреби.
Одлуките нема да наштетат во стабилноста на домашниот пазар, но исто така не смее да се дозволи неконтролирано покачување на цените во услови на економска и енергетска криза. Верувам дека ќе се успее во битката за стабилност и ликвидност на компаниите и дека Владата ќе излезе во пресрет, како и до сега, онаму каде што ќе биде потребно!
Овие одлуки стапуваат во сила на 16.3.2023 година. До тогаш апелирам трговците да ги усогласат цените, во спротивно ќе следуваат високи казни!
Пазарниот инспекторат ќе биде постојано активен на терен и ќе постапува во согласност со надлежностите што произлегуваат од овие одлуки!“, напиша Трајковски.

Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека следната недела ќе се прават анализи за намалување на цените и на шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз, додавајќи дека цените на овие производи најверојатно ќе се замрзнат ако производителите не ги намалат.

Одлуката ќе стапи на сила на 16 март и ќе важи до 31 мај годинава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи