ВИДЕО – Прилепските кантари биле најбараните и најточните на целиот Балкан – денес не се изработуваат


Прилеп отсекогаш важел за познат и признат занаетчиски и трговски центар. Уште од 13 век во месноста Варош или стариот Прилеп како и на манастирот Трескавец се започнати тие стокови размени, кои што се споменуваат уште во Трескавичкиот кодекс. Трговијата и занаетите наголемо започнуваат да се развиваат од некаде од 1800-тата година па натаму, а сето тоа кулминација доживува во 1855 година кога се формира на далеку познатиот Прилепски панаѓур, кој важел за еден од најдобро организираните на Балканот. Кој за жал некаде после 1880-та започнал да замира.

Меѓутоа, Прилеп како занаетчиски центар го губи своето значење некаде со изградбата на пругата Скопје – Солун. Исто така се изградиле пругата Битола – Лерин, така да Прилеп станува еден слеп дел, слеп колосек во овој дел на Македонија и занаетчиството полека, полека го губи својот сјај. Но прилепчаните не би биле прилепчани и денеска познати ако сами и секогаш не се снајдувале, така да со сите свои производи тие оделе на местото на настаните“, вели Горан Цветкоски, етнолог.

За жал од целиот тој стар сјај на занаетите во Прилеп, денеска скоро и ништо да не останало. Така е и со кантарџискиот занает по кој Прилеп бил надалеку познат. Овие изработки сега може да се најдат само во музејските поставки. Последниот казанџија кој ги доработувал и кантарите работел од 1974, до 1994 година.

Некои кантари има со 2 чинглеи, некои со 4 чингели за различен вид на тежина. Едната страна ако е вака свртена дава поголема тежина, а обратно свртена е за мерење на помала тежина. Железото, прилепските кантарџии го набавувале од Поречието и од кичевско. Таму железото немаме информација дали го добивале како готов производ во лиена форма, или отпосле е лиено, меѓутоа начинот на обработка отпосле нашите прилепски кантарџии го правеле многу специфично. Овде каде што се мери тежината, каде се обележува тежината, вештината и мајсторството било токму тоа, се правело под голема температура и тогаш се калело железото, се клава во вода и тие зарешки и бројки остануваат, со тоа што овој тег кој ја дава тежината не може да ги избриши“, додаде Цветкоски.

Друго специфично за кантарџиите е тоа што секој кантарџија си имал свој специфичен знак и белег кој го ставал на кантарот, за да се знае кој мајстор го правел.

Некогашното правило, за разлика од сега, за старата прилепска чаршија било да не треба да се изневери муштеријата. Затоа тие точно знаеле кој мајстор го направил, со каква цел, колку тежина може да мери. Можете да видите дека има различни видови на кантари, со помали и поголеми преносни железа, но имаме и многу помали кантарчиња кои мереле некоја ситна тежина, како пченица, брашно. Потоа, модифицирајќи ги сите тие работи, прилепчаните преминале на ваги. Вагите за мерење се користеле најмногу во бакалниците и аптеките, значи имаме аптекарска и бакалска вага“, рече Цветкоски.

Казанџиите и кантарџиите заедно имале и свој празник, што им бил како патрон заштитник на нивиот занает, а тоа бил светителот Свети Атанасиј, а денот го славеле на манастирот Трескавец. Прилепските кантари биле и останале едни од најубавите и најточните на Балканот, изработени според Британскиот систем, кој пак бил земен од Римскиот.

Со замирањето на прилепскиот панаѓур, тогашните турски занаетчии во Истамбул, или во Романија и Бугарија, иделе во Прилеп специјално и целокупното производство на кантарџиите му го откупувале. Кантарџиите не ја осетиле многу пропаста на прилепската чаршија, затоа што зборот и добро направената работа се слуша надалеку. И ден денес можеме да најдеме во разни приватни дуќани во Турција прилепски ваги и кантари, затоа што белегот е тој што останува трајно“, раскажува Цветкоски.

Денес целата оваа убава историја на занаетчиството во Прилеп можете комплетно да ја погледнете во Етнолошката поставка на Заводот и музеј од овој град.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи