Партерно уредување на дворот и поврзување на салата со училиштето во „Кире Гаврилоски – Јане“


Во тек е поврзување на спортската сала и ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ со отворање на нов излез од училишната зграда и изградба на настрешница со што ќе се овозможи директно поврзување помеѓу двата објекти. Со оваа најнова инвестиција учениците ќе имаат пристап до фискултурната сала со директен излез од училиштето, би се подобрила хигиената во салата, а учениците би биле заштитени во зимскиот период.

„Исто така во тек е и партерно уредување на просторот пред салата, со патеки од бекатон, тревнати површини, со поставување на клупи, корпи за отпадоци, со кое учениците би добиле подобар пристап до салата и уште едно катче каде ќе можат да го поминуваат слободното време. Со реализацијата на овие проекти се овозможува и пристап и непречено движење на учениците со физичка попреченост, со што уште еднаш училиштето докажува дека овозможува еднакви можности за сите ученици“, истакна директорот на училиштето Влатко Кузманоски.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Инаку инклузивноста и обезбедување на еднакви можности за сите ученици се главното мото на учиштето и фокусот на кој се ставаат нивните активности во последниот период. Училиштето лани обезбеди и електромоторен транспортер (гасеничар) чија намена е олеснување на движењето на лица во инвалидски колички по скалите во училиштето. Станува збор за проектот „Биди ИН, Биди ИНклузивен, Биди ИНклудиран“ од страна на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.

„Со овој проект се подобрија условите за секојдневно функционирање на еден наш ученик со моторни нарушувања кој се движи со инвалидска количка. Со електромоторниот транспортер ученикот сега има целосен пристап до сите простории во нашата училишна зграда. Се надеваме дека оваа направа ќе биде од корист и за сите идни генерации доколку имаат потреба од истата“, додаде Кузманоски кој нагласи дека ќе продолжат и понатаму со подобрување на условите за учење на сите ученици во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи