Тестенините и млечните производи од утрово се продаваат со намалени цени

Макароните, шпагетите, трајното кравјо млеко, урдата, кравјото и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал, киселото млеко, павлаката и јогуртот од денес во маркетите се продаваат со намалени цени, откако Владата донесе одлука за нивно намалување за 10, односно 15 отсто.

Млекото, кое досега чинеше од 75 до 80 денари, од денеска се продава од 68 до 72 денари. Сирењето од 430 денари, сега чини 387 денари, а јогуртот од 80 денари, денеска се продава за 72 денари. Од тестенините намалени цени за 4-7 денари имаат макароните и шпагетите.

Одлуката за намалени цени на тестенините и млекото и млечните производи ќе се применува до 31 мај годинава. Сепак, министерот за економија Крешник Бектеши најави дека ако по 31 мај цените на овие производи повторно се нелогични можно е да следува и ново замрзнување на цените.

Од Државниот пазарен инспекторат најавија дека од денеска нивните инспектори ќе бидат постојано на терен и ќе контролираат дали цените производите опфатени со оваа владина одлука се намалени за 10, односно 15 отсто.

Освен овие основни производи, во Министерството за економија се прават пресметки за списокот на замрзнати цени да биде проширен и со шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи