Личните предмети на Блага Петреска, Селимова Желчески, Пеце Атанасоски, Гога Зафироски, Нина Спирова, Илија Јанчулески, Коста Смилески, но и музичари од поновата генерација како Влатко Стефаноски, Ристо Бомбата, Сале од Крос роуд блуз бенд, Бен Хур и други, се дел од поставката „Роднокрајно музичко творештво“ на Заводот и музеј Прилеп во која се застапени едни од најеминентните музички имиња кои потекнуваат од овој крај. Поставката содржи околу 200 предмети, на 10 музичари, а идејата истата да се проширува со нови витрини.
Иницијатор за креирањето на оваа поставка бил протоереј Златко Ангелески, а потоа таа негова идеја ја реализира Музејот. Во поставката дел од музичарите се се уште живи, а дел не се помеѓу нас. Блага Петреска тука ги донираше буквално сите награди и признанија кои ги поседува.
„Бидејќи се овде што остави, како што самата рече, овде е моето се‘, тука се сите мои награди, признанија во кои што јас низ децении се градев како музичар“, вели Лилјана Неделкоска, библиотекар во Завод и Музеј Прилеп.
Пеце Атанасовски, нашиот најголем и напознат гајдаџија, по кого фестивалот на народни песни и инструменти во Долнени сега го носи и неговото име.
Неговата највредна гајда е „Златната гајда“ што ја освоил во Ериче, во Италија, во конкуренција на 1.800 гајдаџии од целиот свет. Кога одел таму дури и домашните му велеле што бараш таму, тебе ќе ти ја дадат „Златната гајда“, кој си ти, кој те познава. И додека сите оделе со сопствени возила, тој не знам колку возови сменил и кога пошол навистина ја освоил „Златната гајда“, кажа Неделкоска.
Илија Јанчулески, познат прилепски музичар, професор музика, раководител на хор и оркестри.
„Тој го има формирано и турбачкиот оркестар што го има тука на слика, со кој ги испраќале погребалните поворки. Најчесно било да се испрати покојниот до местото за погребување со таква погребална поворка“, додаде Неделкоска.
Огромен дел од наградите се тука и од нашето најпознато дуо Селимова-Желчески.
„Со само еден контакт на „Вибер“ Кевсер дојде од Белград и ни донесе се‘ што имаше, соработката течеше беспрекорно. Ни раскажа многу за нејзиниот прекрасен живот со Ѓорѓи Желчески, за огромната љубов што ја имале и кажа дека можеби повеќе нема ни да запее поради тоа“, истакна Неделкоска.
Нина Спирова пак е Македонската со кадифен глас, која го заслужи ова место помеѓу истакнатите прилепчани.
„Се ова што има е заслуга на нејзиниот брат Димко Спиркоски. Тој нас ни вети дека доколку овој проект продолжи да го финансира Министерството како тековен проект, ќе донесиме уште многу работи од Нина Спирова“, раскажа Неделкоска.
Гога Зафироски мултидисциплинаре прилепски уметник, кој бил и радио водител, спикер, пејач и спортски коментатор. Со него се поврзани доста интересни настани, еден од нив бил известувач во Тутунски комбинат Прилеп.
„Германците, во 1941 година било тоа, му рекле ајде сега покрај тоа што известуваш соопштенија на вработениве, испеј ја песната за познатата Германка, Лили Марлен. Знаете тогаш многу не ги сакале Гермнаците и тој ја испеал во некој сатиричен стил, во смисла кокошката ми снесла 3 јајца, таа ги квачела, излегле 3 петли кои се бореле за Лили Марлен. Тие му аплаудирале, велеле прекрасно испеа, но кога кодошите разбрале и му кажале на Германците што точно испеал, Германците се налутиле и го однеле во злогласниот затвор, во Участакот каде бил претепан“, истакна Неделкоска.
Другиот интересен настан е кога отишол во Израел да ја посету својата сестра мажена со Евреин и кога им пеел на македонските евреи кои се иселиле во Израел во хотелот Шератон.
„Тогаш дошол директорот на „Шератон“ хотелот со бланко чек и му рекол, за една година да пееш во овој хотел напиши си ја сам сумата. Но Гога транспарентно рекол јас ова го одбивам, јас си имам своја професија, јас не се делам од Прилеп и градскиот саат“, кажа Неделкоска.
Токму од љубов за Прилеп ја испеал песната за Прилеп, напишана од неговиот син, која сега е своевидна химна за градот.
Ова се само мал дел од прилепските музичари, чии дела се изложени тука, а идејата оваа поставка и понатаму да се збогатува со голем број други експонати на познати прилепски музичари.