Утре се замрзнуваат цените на јајцата и оризот, најави министерот Бектеши, притоа одбивајќи да ја открие сумата со цел да нема шпекулации. Посочи дека трговците ќе добијат насоки колку од произведеното ќе можат да го извезуваат во пресрет на очекуваната зголемена побарачка за велигденските празници.
Деновиве дел од производителите на јајца предупредија да се внимава со корекцијата на цената кај овој производ, затоа што може да го снема од пазарот.
„Моментално е зголемен извозот кон другите држави каде цената е повисока. Ако ние донесеме одлука за забрана на извоз, тоа ќе биде спротивно на договорите на ЦЕФТА и ЕУ, поради што може да имаме и санкции и таа одлука не е опција. Но, за да ги зачуваме постоечките цени, а извозот да биде согласно правилата, ние утре нема да носиме одлука само за замрзнување на цената, туку ќе го ограничиме и извозот. Со производството прво да се задоволат домашните потреби, а одреден процент ќе оди за извоз“, рече Бектеши.
Кај цените на шеќерот и брашното засега нема да се интервенира, но ќе се анализира дали тоа може и треба да се направи со цената на месните производи.