Формирана нова Комора на сметководители, финансиери и даночни обврзници

Facebook
Twitter
Email
Print

Унапредување на деловното окружување за развој на сметководствено-финансиската и професијата на даночните советници, преку промоција, подигнување на професионалните стандарди и соодветно адресирање на предизвиците е фокусот на активностите на новата Комора на сметководители, финансиери и даночни обврзници која е регистрирана и е дел од Сојузот на стопански комори. За претседател на новата Комора е избран Ромео Костадинов, даночен советник со 30-годишно искуство од областа на економската, финансиска и сметководствена сфера.

„Професионалните сметководители, ревизори и даночни советници се пред постојан предизвик да го следат брзиот развој на технологиите, општествените промени, измените во законските регулативи, и сето тоа задолжително да го имплементираат во секојдневното работење на деловните субјекти. Уште позначајно е што на нивните анализи и извештаи се темелат и економските политики на државата. Заради тоа тие повеќе од голем број на други професии во континуитет инвестираат во стручна едукација и професионално усовршување, но сепак претпријатијата кои се занимаваат со овие дејности не можат реално да го валоризираат трудот кој го вложуваат. Комората која ја формираме станува нивниот партнер и поддржувач во унапредување на статутот на овие професионалци и издигнување и раст на нивните бизниси“, истакнува Костадинов, кој е долгогодишен управител во компанија чија дејност претставува даночно советување, организирање на семинари за професионално усовршување од економско финансиска, даноци и сметководствена  област.

Комората со целиот свој стручен и професионален капацитет ќе работи на тоа да се наметне како рамноправен партнер на државните органи, образовните центри и другите институции од стопанскиот систем со цел постигнување на унапредување на професијата и постигнување на поширок општествен напредок. Исто така ќе се вклучи и во иницирање на рамноправно учество во подготвувањето на законите и останатите прописи од сметководствено, финансиска и даночна област како и во утврдување на стручните ставови и позиции за  целисходно вршење на дејностите.

„Акцент на активностите ќе се стави и на почитување и следењето на професионалните и етички стандарди на кои се темели квалитетот во работата. Паралелно ќе работиме и на грижата и одбраната на честа и независноста на професијата, поттикнувањето на соработката меѓу членовите на домашно и меѓународно ниво и промоција на услугите и дејностите“, истакнува Костадинов.

Со формирање и дејствување на новата Комора, активностите на Сојузот добиваат додадена вредност бидејќи секторите кои се опфатени имаат пошироки импликации во работењето на сите деловни субјекти и воопшто на економскиот и даночен систем во земјата. Сојузот на стопански комори на Македонија е најголемата национална деловна организација со 35 стопански комори, секторски, билатерални и регионални и со над 30 групации, здруженија и асоцијации.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи