Галеријата на икони во Прилеп e уникатен бисер на нашето културно и црковно наследство. Отворeна е во 2002 година и се наоѓа во објектот на т.н. „Баба Неделино училиште“. Овој објект инаку е првото женско училиште отворено во Прилеп кон крајот на 19 век, дотогаш немало дозвола девојчињата да се школуваат. Секоја икона има своја посебна приказна, а во галеријата се наоѓаат 66 икони кои потекнуваат од прилепско и една фреска, која е и најстариот експонат тука. Станува збор за фреската на Архангел Гаврил која е од 12 век, а потекнува од манастирската црка од манастирот Свети Архангел Михаил, од населбата Варош, која се наоѓа под денешната црква.
„Беше во Лондон, Стокхолм и Њујорк, имаше егизбиција која беше однесена и достигна многу високи културни и историски вредности во начинот на сликарството, затоа што техниката на пресликување на фреските во 12 век достигнува во овој регион и општо во Македонија многу висок уметнички дојам“, вели Мимоза Христоска, виш кустос, историчар на уметност.
Во Галеријата се чуваат икони кои имаат голема уметничка важност, а најголем дел од нив потекнуваат од црквите и манастирите во околината на Прилеп.
„Иконата на Исус Христос била поставена над Богородица. При конзервацијата и реставрацијата, при скенирањето се утврдува дека има постара икона која се наоѓа пред претставата на Исус Христос, таа е пресвета Богородица со Исус Христос. Мора да се извади едниот слој, да се извади првата основа на која е Исус Христос, се поставува на нова штица, а таа што е постарата икона долу на Богородица со Исус Христос останува на оригиналната штица. Затоа го имате овде оштетувањето, дел се направени ретуш, но затоа се остава секогаш овој агол да се види дека има направено ретуш и има издвојување на едната икона со другата икона. Таа е единствена икона која е поставена на нова штица, другите икони се оригинално како што се пронајдени во црквите и манастирите“, додаде Христоска.
Дел од иконите се уникатни во својата изработка и се разликуваат од класичните претстави на одредени светители во христијанството.
„Ова е ретка претстава затоа што претежно Свети Ѓорѓија го гледаме и претставен е како млад војник кој што е на коњ и ја убива ламјата, ја спасува царската ќерка, таа е класична претстава на Свети Ѓорѓија. Овде го имаме неговиот живот во сцени кои се поставени околу самата рамка на Свети Ѓорѓија кој е поставен на престол со кој се дава посебно значење на неговата личност. Потоа тука е иконата на Исус Христос која потекнува од 1779 година, претстава каде е интересен моментот каде земјината топка е претставена во круг како сфера и претставен е зодијакот, зодијачките знаци, што многу често се случува посебно во 18 век да ги имаме знаците на зодијакот претставени на иконите. Во еден период се случува да има забрана на претставување на зодијачките знаци на иконите општо во иконопиството. Истото тоа го имате и во фрескосликарството, во живописите, но тоа е во пораниот период некаде 16-17 век, во 19 го имаме ама многу поретко. Исто така иконата на Света Троица е ретка. Што е значењето на иконата Света Тројца? Иимаме претставата на Исус Христос на кој што ореолот му е во круг, додека на Отецот Бог ореолот му е триаголник. Некарактеристична престава, овде веќе завлегуваме во крајот на 18 и почетокот на 19 век, претставата каде Отецот Бог многу ретко се претставува во човечки лик“, раскажува Христоска.
Христоска вели дека цртањето на иконите не познава повеќе димензии во христијанството.
„Во иконографијата во сликањето на икони, иконографството признава само една димензија, постоењето на втора и трета димензија нема и затоа имате чувство кога се движите, претежно на Исус Христос и Богородица каде имате фронтални ликови на еден светител, кога се движите лево и десно имате чувство како иконата да ве следи. Затоа таа е една димензија, прва димензија и немате во иконата длабина“, кажа Христоска.
Во галеријата се наоѓа и една уникатна икона на која светителот Христофор е претставен со глава на животно.
Последен експонат во галеријата е т.н. Ерусалимско платно кое потекнува од Ерусалим и него го носеле аџиите, односно сите оние кои порано оделе да се поклонат на гробот на Исус Христос. Колку побогат бил аџијата, толку поголемо платно носел од Ерусалим.
„Сценската претставеност на Ерусалимските платна без разлика колкави се сите имаат иста сценска претстава. Централниот дел е храмот на Ерусалим, од едната страна ја имате претставата на Пресвета Богородица со Исус Христос и нејзиниот живот, претставата на Исус Христос исто со неговиот живот, сцените циклусот на големи празници во долната зона, а во горната зона ги имате старозаветните сцени“, истакна Христоска.
Тука се чуваат и одеждите на првиот Архиепископ од Прилеп Г.Г. Ангелариј. Одеждите се подарок од неговото семејство за музејот.