Ја пишувам оваа порака за вас по повод Светскиот ден на театарот, и се чувствувам обземена од среќа, дека вам ви се обраќам; секој нерв во моето битие трепери под притисокот на она низ што сите ние минуваме – страдањето на театарските и нетеатарските уметници – страдањето од големите притисоци и мешаните емоции кои се надвиснати над светот сега и тука, денес. Нестабилноста е директен резултат на она низ што поминува нашиот свет; конфликти, војни, природни катастрофи кои имаат очаен ефект не само врз нашиот материјален свет, туку и врз нашиот духовен свет и нашиот психички мир.
Денес вам ви се обраќам додека имам чувство дека целиот свет стана изолиран остров, или како бродовите кои се губат во маглата над хоризонтот, секој од нив ги шири своите едра и испловува според водство, кое не гледа насока во хоризонтот пред него, и покрај тоа, продолжува да плови, надевајќи се дека ќе стигне безбедно до пристаништето; по долгото преиспитување на непредвидливоста на разбурканото море.
Нашиот свет никогаш не бил толку блиску поврзан меѓусебе како што е денес, но во исто време никогаш не бил ниту повеќе одалечен и дисхармоничен каков што е денес. Тука лежи драмскиот парадокс кој современиот свет го истакнува пред нас. И покрај тоа што сме изложени на совремниот начин на размена на вести и пренос на информации и комуникации кои ги кршат сите географски бариери, напротив светот сведочи конфликт кои ги надминува границите на логичката перцепција и креира, одразува очигледно зближување. Сепак фундаменталното разидување не дистанцира сите нас од есенцијалното во хуманоста – од едноставната суштинска форма.
Театарот во својата суштина е чист и хуман акт кој базира на есенцијалното хумано, а тоа е животот. Со зборовите на големиот Константин Станиславски, „никогаш не доаѓај во театар со кал на чевлите. Остави ја прашината и валканоста надвор. Преиспитај си ги своите мали грижи, караници, проблеми и остави ги на закачалка како твојот капут – сите работи кои ти го уништуваат животот и ти го усмеруваат вниманието далеку од уметноста – таму кај вратата.’’ Кога се качуваме на сцената, се качуваме само со еден живот во нас, оној на човечкото битие, но токму овој живот има способност да се подели и репродуцира претворајќи се во многу други животи кои ние ги изведуваме на сцената, пред светот, ги оживуваме, тие цветаат и се шират како парфем кои допира до другите.
Тоа што ние го правиме во театарот како драмски автори, режисери, актери, сценографи, поети, музичари, кореографи и техничари, сите ние без исклучок сме во чинот на создавањето живот кој не постоел пред да стапнеме на сцената. Овој живот заслужува грижа и рамо на љубовта кое ќе го прегрне, љубезно срце кое симпатизира, и трезен ум кој го овозможува тоа, кој овоможува континуитет и опстој.
Не претерувам кога велат дека нашиот акт на сцената е акт на животот, генериран од ништо; како килибар кој свети во темнината, осветлувајќи ја темнината и затоплувајќи го студенилото. Ние сме тие кои на тој живот му го овозможуваме неговиот сјај. Ние сме тие кои го отелотворуваат тоа. Ние сме тие кои го прават вибрантен и со смисла. И ние сме тие кои ја создаваат причината тоа да се разбере. Ние сме тие кои ја користат светлината на уметноста за конфронтирање со темнината на игнорирањето и не знаењето. Ние сме тие кои ја прегрнуваат доктрината на животот, за животот да може да се шири во овој свет. Затоа ние ги издигнуваме нашите заложби, време, солзи, крв и нерви, се’ што треба да направиме со цел да ја пренесеме ваквата силна порака, бранејќи ги вредностите на вистината, добрината и убавината, навистина верувајќи дека животот заслужува да се живее.
Денес вам ви се обраќам, но не само за да се каже нешто или да се прослави таткото на сите уметности, „театарот’’, на неговиот ден. Туку повеќе од се’ сакам да ве поканам да застанеме заедно, сите ние, рака за рака, рамо до рамо, да вреснеме од длабочината на нашите гласови, онака како што сме навикнати на сцената тоа да го правиме, и да овозможиме зборовите да излезат будејќи ја совеста на целиот свет, барајќи ја во себе изгубената човечка суштина. Барајќи слободен,толерантен, сакан, емпатичен, нежен и достапен човек. И да си дозволиме да не напушти ова непријатно опкружување на бруталноста, расизмот, крвавите пресметки, едноумието и екстремизмот. Човекот чекорел на земјава, под сонцево, со илјадници години, и ќе продолжи да чекори понатаму. Затоа зграпчи му ги стапалата од вртлогот на војната и крвавите конфликти, предложи му да ги напушти, пред вратите на сцената. Можеби нашата хуманост, која стана засенчена и заглавена во сомнежи, повторно категорично ќе зацврсти, хуманост со која сме квалификувани да бидеме горди што сме луѓе и дека сите сме браќа и сестри во просторот на хуманоста.
Нашата мисија е, нам драматичарите, носителите на факелот на светлината, од првата појава на првиот актер на сцената, да бидеме фронтално конфронтирани кон се’ што е грдо, крваво, и нечовечно. Се конфронтираме со се’ што е убаво, чисто и хумано. Ние и никој друг, ја имаме способноста да го афирмираме животот. Затоа да го шириме животот заедно за доброто на светот и човечноста.
Авторка: Самиха Ајуб
Превод од англиски на македонски јазик: д-р Иванка Апостолова Баскар
Биографија на Самиха Ајуб (Египетска актерка)
Родена е во Египет, во Шубра, во близина на Каиро. Своите студии ги заврши на Високиот институт за драмски уметности во 1953 година, каде што студирала под менторство на драмскиот автор Заки Тулајмат. Нејзините сценски настапи во кариерата се сведуваат на приближно 170 театарски претстави, вклучувајќи ги и поставките на Raba’a Al-Adawiya, Sekkat Al-Salamah, Blood on the Curtains of the Kaaba (Крв на завесите во Кааба), Agha Memnon (Агамемнон), The Caucasian Chalk Circle (Кавкаскиот круг со креда). Иако театарската работа доминира во нејзината кариера, таа зад себе има и многу филмски и ТВ улоги. Во филмот таа се издвои преку неколкуте филмови како Земјата на лицемерието, Зората на исламот, Со среќа, Помеѓу рушевините, а на телевизија таа се истакна со многуте впечатливи улоги како оние во продукциите – Улично светло, Време за рози, Амира и Абден, Алмасравија. Таа е наградена со многу претседателски почести, меѓу кои наградите Гамал Абдел Насер и Енвер Садат, како и наградата на сирискиот претседател Хафез Ал Асад и француската награда за достигнувања во уметноста и културата Гискард.