Невладината организација COSV Италија – подружница Прилеп денеска во овој град го организираше вториот промотивен настан, кој е дел од проектот „ЕНТЕГ – Претприемништво за дипломирани студенти со високо образование“, а чија цел е 60 млади од Грција и Македонија, да ги изучуваат претприемничките вештини, со кои ќе се унапреди нивниот претприемнички мајндсет и ќе се зголеми нивната самодоверба, а со тоа тие би ја засилиле својата конкурентност на пазарот на трудот и она што е најважно би останале во својата држава, наместо да размислуваат за иселување.
На настанот присуствуваа претставници од „Регионалниот фонд за развој на Централна Македонија“ од Грција кои го водат проектот ЕНТЕГ, Техничката комора на Грција/оддел за Централна Македонија од Република Грција, домаќините COSV Италија – подружница Прилеп, претставници на МКЦ Битола, како и градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, претставници на секторот за Локален економски развој, директорката на Агенција за вработување, Гордана Младеноска, претставници од Стопанската комора на РМ, претставници на бизнис заедницата, како и претставници на Работничкиот универзитет.
„Проектот ЕНТЕГ адресира еден многу актуелен општествен проблем, проблемот со одлив на млади високообразовани кадри во потрага по подобар живот, во други странски земји. Нашата задача е да се обидеме да ги охрабриме нашите млади таленти да останат и да го развиваат својот потенцијал во нашата земја. Значи овој проект вклучува една интересна програма, тоа е „Трипл Хеликс“ програмата, што значи соработка помеѓу бизнис заедницата, помеѓу академската заедница и помеѓу локалната самоуправа. На тие средби, на тие вмрежувања всушност кои се планирани во рамките на овој проект треба да се видат заедничките проблеми, со кои проблеми се соочува бизнис секторот, како нема кадри, со кои проблеми се соочува Општината, со кои проблеми се соочуваат сите за да можеме на крај да дојдеме до едно заедничко решение и да изготвиме заклучок зошто всушност се случува тој одлив на млади мозоци“, истакна Дања Димовска-Микаровска, Проектен менаџер од COSV -Прилеп.
„Во последните години двете земји беа погодени од економските и социјалните услови, затоа имаме толку силна волја да соработуваме, како би ги поттикнале дипломираните високообразовни кадри да учествуваат во слободниот пазар на трудот. Она што сакаме да го направиме е да промовираме вработување, работничка мобилност и прекугранична, културна инклузија и соработка. На овој начин би ги поддржале локалните економии и би ја зацврстиле врската помеѓу двете земји“, додаде Ламбрини Цоли, проектен менаџер на РФРЦМ, Република Грција.
На промотивниот настан беа презентирани резултатите од истражувањето за моменталната состојба на Ромите со завршено високо образование во Република Северна Македонија, како и прирачник со Препораки за зголемување на бројот на Роми што ќе се запишат и ќе завршат високо образование, кои што беа спроведени во изминатион период преку деск анализи и теренски истражувања на на експерти. Според истражувањето 85% од Ромската заедница не го продолжува своето образование на факултет. На прашањето зошто не продолжуваат со високо образование испитаниците истакнале дека не веруваат дека тоа образование ќе им донесе финансиски бенефиции и вработување. Исто така проблем има со оние Роми кои завршиле средно стручно образвние. Само 6% од нив работат на струката која ја учеле. И тука е потребна поголема ангажираност на институциите.
„Токму затоа ние препорачуваме воведување на мерки кои ќе значат поголема мотивација и поголема вклученост на ромската заедница во високото образование, а тие мерки би вклучувале од една страна финансиски олеснувања кои би ги вовеле универзитетите за припадниците на маргинализираните заедници, но од друга страна и поголема промоција на самите универзитети во текот на средното образовние на младите. Иако државата во последните години воведува многу мерки за промоција на средното стручно образовние, кај ромската заедница навистина постои тој елемент дека тие сите се запишуваат во средно стручно образование, односно многу малку или никој не го продолжува средното образование на општо или гимназиско. Само 6% од оние што се вработени работат на струката, дури и кога имаат средно стручно образование тоа не се материјализира во искористување на капацитетот да тие работат во струката“, изјави Весна Шапкоски, извршна директорка на СТАНИЦА П.Е.Т.
Повикот веќе е во тек на кој што можат да аплицираат младите високообразовани кадри. Ќе бидат органзирани два циклуси на онлајн обуки, преку виртуелна работилница на која ќе се практицираат претприемачките вештини и ќе има обуки за младите.
„Проектот ЕНТЕГ нуди можност за еден нов пристап во учењето на претприемачките вештини. Очекуваме од нашата страна да бидат вклучени барем 24 високообразовани млади невработени лица и преку циклус на обука да можат да добијат вештини за започнување на сопствен бизнис, да најдат полесно вработување, полесно да се снајдат на пазарот на трудот и додадена вредност на проектот е што ќе работат со нивни врсници од другата страна на границата, од Република Грција. На тој начин може да дојде и до заеднички бизнис“; кажа Златко Талевски, извршен директор на МКЦ Битола.
„Во таа насока Општина Прилеп ќе учествува на средбите за вмрежување помеѓу академската заедница, бизнис заедницата и локалната власт во организација на невладината организација „COSV“, подружница Прилеп, во рамките на проектот ЕНТЕГ образование, како би се изнашле заеднички решенија за решавање на проблемот со иселувањето на млади високообразовни кадри од нашиот крај“, потенцираше Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Проектот ќе трае до ноември оваа година, а за пријавените апликанти ќе има и 5 дневна обука во Солун, Грција.