Земјоделците се против одлуката на Владата за замрзнување на цените на производите. Велат дека со скапите репроматеријали и онака биле во загуба. Без намалување на репроматеријалите ова замрзнување на цените само дополнително ќе го уништело земјоделието.
„Ние скапи ги купуваме работите, семенски материјали, орања, ѓубрива, бензин, сето тоа, а овде го продаваме цела година по иста цена. Земјоделието одамна е замрзнато“, вели Трајанка Димеска, земјоделец од Прилеп.
„Тоа треба да се намалат репроматеријалите, оти ние не можеме да ја достигнеме таа цена што треба реално да биде“, кажа Вера Здравеска, земјоделец од Прилеп.
„Се додека ние имаме ненормално високи цени на хемиските препарати, на ѓубривата, а ги замрзнуваме цените на земјоделските производи, тогаш ќе имаме нерентабилно производство и ако сега зборуваме за недостаток на храна, верувајте дека за година-две ние ќе зборуваме буквално за немање на храна“, истакна Васко Јосифоски, земјоделец од Трновци, Битолско.
Дури и поголем дел од граѓаните ги поддржуваат земјоделците, велат дека не треба да се замрзнат цените туку да се покачат пензиите, а не само платите на функционерите. Револтирани се на политичарите.
„Каква мерка, не треба ни мерки, ништо не треба, зошто мерки? За 150 денари гравот навистина беше скап, ама за 80 денари кој ќе му го даде, од каде ќе го најде за да го даде за 80? Треба да работат луѓево, да произведи“, вели еден граѓанин.
„Зошто не ги замрзнуваат на ѓубрето, тараната, а не производството евтино, не им се исплати на луѓето. А си ги креваат министерите платите, оти не ги замрзнат, нека ги замрзнат платите нивни“, додаде друга граѓанка.
„Мала работа се намалени, но не вреди ништо за толку пари, 10 денари на овие минимални пензии што ги земаме. Во моментов можеле да земат 80% платите да им ги наголемат, а на пензионерите 7%“, вели друга граѓанка.
И од ВМРО-ДПМНЕ кои имаа вчера трибина во Прилеп со земјоделците од регионот обвинија дека овие мерки сега се презадоцнети.
„Практично е нелогично да се замрзнуваат цените, затоа што ова производство беше произведено по високи цени“, изјави Цветан Трипуновски, претседател на централната комисија за земјоделие на ВМРО-ДПМНЕ.
Земјоделците апелираат на корегирање на оваа владина мерка за да не дојде до уништување на домашното производство.