ВИДЕО-Протест на производителите на пченица во Прилеп: државата да ни ја откупи пченицата за стокови резерви


Од 7 до 10 милиони килограми домашна пченица се уште стои непредадена во амбарите. Земјоделците од Пелагониско одржаа протест пред силосите на Стоковите резерви на Македонија во Прилеп со барање државата да ја откупи оваа домашна пченица по цена од 20 до 22 денари за килограм. Имале одредени сознанија дека стоковите резерви се полнеле со увозна пченица.

Треба веднаш да се изнајди решение, бидејќи сега е време кога треба да се прави втората прихрана, пролетна на пченицата, веќе и задоцнета е, а задоцнета е од причини што луѓето немаат финансии да го направат тоа, бидејќи пченицата на им е предадена. Исто, веднаш после прихраната треба да се направи заштита од плевели, заштита од болести, а сето тоа чини пари. Ако не се даде пченицата луѓето не можат да го направат и ќе се доведе во прашање самото производство на пченицата“, рече Стеванче Орданоски, производител на пченица прилепско.

 

Не ја продадовме пченицата бидејќи млинарите не можеа да ни ја платат во кеш тогаш, бидејќи ако млинарите ја откупеа тогаш по таа цена, а сега да ја мелат и продаваат и тие немаа сметка и затоа не ни ја плаќаа во кеш. Затоа не ја предадовме, чекавме некој да ја откупи во кеш. Сега бараме државата да ни ја откупи по реална цена, да биде и за државата добро и за нас“, додаде Тоде Лазаревски, производител на пченица од битолско.

Земјоделците велат дека со чувањето на пченицата по амбарите тие сега се во голема загуба. Сето ова ќе имало ефект на намалување на производството на пченица во иднина, исто како што се уништил и сточниот фонд поради несоодветна грижа од државата.

„Ќе стои како кравите што направија, ги продадоа луѓето кравите и сега нема крави, ги уништија. Така и житото ќе се уништи и нема да се исплати да се сади“, вели Димче Белевски, земјоделец од општина Могила.

Од Владата пак истакнаа дека во моментов немало нема активен оглас за набавка на пченица за стоковите резерви, но нема ниту конкретен одговор дали и кога ќе ја купат домашната пченица. Истакнаа само тоа дека за 2023 година со буџетот биле планирани 352 милиони денари за стоковите резерви, кои во претходните две години биле на ниво од 80 милиони денари. Апелираат предност да им се даде на домашните производители и домашните количини на пченица.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи