ВИДЕО – Со нов локален акционен план и нов ДУП, Општина Прилеп ќе ги подобрува условите за живеење на Ромите


И покрај подобрувањето во голем дел сфери од општественото живеење сепак се уште голем дел од Ромите кај нас живеат во супстандардни услови, во неформални населби, без пристап до вода за пиење и електрична енергија. Добивањето на квалитетно образование, здравство и соодветна социјална заштита се нивни секојдневни предизвици. За да се подобри оваа ситуација Општина Прилеп заедно со претставници на Ромите изготвија локален акционен план за подобрување во сите овие области, документ кој наскоро треба да го усвои Советот на Општината, а исто така за прв пат ќе се допесе и Детален урбанистички план за делот на нелегалните ромски населби во Прилеп.

„Веруваме дека со тој јавен документ локалната самоуправа ќе даде посебне фокус на проблемите и потребите на ромската заедница. Не е својствено во 21 век да ги анализираме проблемите на Ромите во контекст на пристапот за вода, кој што е универзално човеково право или пристапот до електрична енергија“, истакна Џенгис Бериша, НВО СТАНИЦА П.Е.Т.

 

„За прв пат во Општина Прилеп се носи Детален урбанистички план и проширување на Генералниот урбанистички план за 71,4 хектари. Каде што единствена цел е врз основа на Законот за домување тие населби да станат урбани и урбано да се планираат“, вели Сами Ајдини, НВО Рома Перспектив.

 

„Најголем акцент на кој што Општината треба да го стави акцентот се инфраструктурните проблеми, во тој дел треба најмногу да се вложува“, изјави Алмир Сулејманоски, претставник на Ромската заедница.

Младите Роми велат дека за жал се уште има дискриминација кај нас, но Ромите полека почнувале да се изедначуваат со другите заедници кај нас.

„Има се уште дискриминација и тоа секаде, на училиште, во институци, па дури и на улица“, рече Самира Реџепоска, претставник на Ромската заедница.

 

„Сепак некако влегуваат во колосек со останатите и се изедначуваат и со успеси и со образование“, додаде Џанер Фејзоски, претставник на Ромската заедница.

По повод 8 април Меѓународниот ден на Ромите денеска пред Општина Прилеп традиционално беше подигнато Ромското знаме.

 „Локалната самоуправа континуирано продолжува да се вклучува во развојот, образованието и инклузијата на ромската заедница во општеството“, потенцираше Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Во Прилеп денеска по повод овој ден ќе се одржи и изложба на ликовни дела изработени на мултиенички работилници како и турнир во фудбал.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи