ВИДЕО – Уникатните крушевски традиционални специјалитети и рецепти ја збогатуваат туристичката понуда


Заради добивање на покреативна понуда на туристите кои го посетуваат Крушево, како и збогатување на содржините кои ги нуди еден од нашите најубави и најеколошки градови три здруженија од овој град се здружиja во платформа за развој на туризмот, насловена како „Feel Krusevo“ или „Почувствувај го Крушево“. Членки се повозрасни жени, дел од нив сопственици и издавачи на соби за туристи, потоа крушевски домаќинки кои по традицонални рецепти произведуваат домашни, еколошки производи од ова поднебје и како трета членка на оваа платформа е здружението Центар за хумани односи.

Мери Чавкароска е сопственик на вила во Крушево, но исто така на туристите кои отседнуваат кај неа им продава и од различните традиционални производи кои сама ги прави. Вели дека производството и продажбата на овие производи се одлична можност за надополнување на економијата на крушевската жена

 Не излегувам никогаш на тезга, на пазар, им нудам на моите гости кој што сака да си земи.

 Што произведувате?

Прво имаме голем овоштарник со сливи и со мојот сопруг произведуваме сливова ракија, потоа имаме ореви, вишни, аронија, ливадите изобилуваат со диво нане и од сите тие артикли што ги имам произведувам ликери од диво нане, аронија, од вишни, сливова ракија, џем од сливи и како наследство од мојот дедо и прадедо правам и различни масти од тревките кои ги собирам исто така од поднебјето што ни ги дава. Во моментот имам само масти за хемороиди и псоријаза, произведувам и за изгореници, за рани, тоа ми остана како традиција, правеше мојата мајка и јас. Меѓутоа тоа не го рекламирам по интернети, исто оставам за моите гости. Правам исто така и прополис и мед од мои пријатели продавам, меѓутоа не се промовирам, можам но не се промовирам. Доволно ми е да им понудам на моите гости од производите што ги имам.

Што најмногу сакаат гостите?

Сливова ракија. Земаат од сите производи, им се допаѓа ликерот од диво нане затоа што има посебен, специфичен вкус, го сакаат и џемот од сливи затоа што знаат дека е од чиста и еколошка средина и јас го правам со многу малку шеќер. Да кажам пропорции, на 8 килограми сливи само 600 грама шеќер. Најмногу работам со параглајдеристи, почнувајќи од втората половина на јуни, па се до крај на септември работиме со параглајдеристи. Им даваме за доручек домашна храна, најмногу го обожаваат џемот и го користат во јогурт, си прават овошен јогурт“, вели Мери Чавкароска е сопственик на вила и произведувач на традиционални производи.

10-членки се дел и од Здружението „Крушевска жена“ кои веќе неколку години ги произведувааат овие традиционални рецепти и ги нудат за потрошувачите како во Крушево, така и во останатите градови учествувајќи на разни саеми, базари или пак може секој да си нарача преку интернет и да го добие производот по карго.

Произведувам разни сирупи, лековити билки, исто ги собирам од чиста еколошка средина. Ги произведувам сама, дома ги правам, со колешките се договараме ако не поканат одиме и во други градови. Крушево исто кога има некој настан, кога организира Општината ќе не покани. Инаку продаваме сами како знаеме и како ќе се снајдеме, дали некоја група ќе не објави или некој што ќе купи па ќе каже дека многу има видено бенефит. Произведувам значи сируш од глуварче, сируп од бел бор, имам лекови за камења во жолчка и бубрези, имам за циркулација, за реома, за хеликобактери. Разни ликери од сето можно овошје што постои, имам наш овоштарник, правам слатко од дуњи, од аронија, од вишни, од цреши и се друго што имаме во овоштарникот и се снаоѓам како знам и умеам.

Кажете ми колку е ова помош за економијата на крушевската жена?

Па искрено да ви кажам е, за мене е, не е голема сума на пари ама како пензионер со мала пензија ми е доволно малку да се закрепнам и сум задоволна.

Дали доставувате производи преку карго доколку некој нарача на интернет, дали имате Фејсбук страна, на социјалните мрежи дали се рекламирате?

Искрено јас немам ни Фејсбук страна, ни нешто на интернет, бидејќи сум повозрасна. Ми ги рекламираат пријателки, колешки и секој што ќе купи по карго праќаме, пример вие ќе купите, кажувате по пријатели, се јавуваат по карго и си порачуваат“, рече Елица Ѓорѓиоска, Здружение „Крушевска жена“.

 

Произведувам тестенини и тоа го правам преку летниот период, сега не се условите за правање, така да немам што тука да покажам од моите производи. Ги работам исклучиво по порачка, ги доставувам по карго, дел од муштериите си ги подигаат сами и така ми се шири и кругот на потрошувачи. Произведувам исклучиво тука за градот и за гостите кои доаѓаат крофни, благи работи по порачка. Моето учество во здружението е толку. Задоволна сум, затоа што пензиите се мали и со ова надополнуваме мал дел, не дека доволно, но мал дел.

Како дојдовте до идеја да се вклучите во едно вакво здружение?

И јас бев член на обуката за крушевска жена од рурална средина, каде сакаше да се помогне финансиски жената во ова рурално место.

Што најмногу бараат гостите, домашните и странците?

И домашните и странците лично од кај мене крофни“, додаде Елизабета Божиноска, Здружение „Крушевска жена“.

 

Произведувам разни слатки, ајвари, лутенка, тестенини, како имаме порачка така работиме. Здружението ни е од 2015 година, многу сум задоволна со ова здружение, прошетав многу градови, запознав многу жени и сега сме пријателки и ме исполнува, за овие мои години ме исполнува работата.

Каде вие ги пласирате вашите производи?

Исто, поканети сме по саеми и во Крушево и надвор, во многу градови бевме поканети, ги посетивме и благодарни сме оти рачната работа сета е ценета. Не прашуваат ни за пари, ни за ништо, само сакаат да е домашно и од Крушево“, вели Василика Димоска, Здружение „Крушевска жена“.

Но за жал овие здруженија за промоција на туристичката понуда во Крушево немаат подмладок. Младите не се заинтересирани ниту за подготовка на традиционални рецепти, ниту пак да останат во Крушево. Тие како и во други градови масовно се иселуваат.

Сите се здруживме со цел да изработиме една покомпатибилна туристичка понуда и на страната на „Feel Krusevo“ со еден проект имавме и неколку разработени локални туристичкиу тури, историска, музејска, влашка, еве моментално се наоѓаме во еден автентичен амбиент кој треба нормално да го дополнуваме, но ја преставува внатрешноста на традиционална влашка куќа. Уште една тура која ја изработивме со поддршка на Европската банка за поддршка и развој, тоа е дигиталната 3Д тура, каде со новите технилогии е претставено се она што посетителот треба да го види во Крушево. Меѓутоа, за жал младите тешко се вклучуваат во активно членство во нашите граѓански здруженија и платформи и затоа последните 2 години малку повеќе работиме со средношколци од училишниот центар „Наум Наумоски – Борче“, каде традиционално имаме и туристички техничари кои се образуваат, како и кувари и келнери. Со нив имаме добра соработка, но само до моментот додека се школуваат и додека ги вклучуваме во проект, потоа заминуваат, го продолжуваат своето образование и тоа е хендикепот на малите средини, ваквите здруженија остануваат на повозрасните членки“, изјави Лефкија Гажовска, члена на платформата „Feel Krusevo“.

 Токму поради вакавата ситуација во иднина постои опасност дел од овие рецепти, јадења и народни лекови да се подзаборават или сосема да исчезнат, бидејќи нема на кого да се пренеси традицијата, доколку младите не изразат желба истата да ја продолжат.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи