ВИДЕО – Обичаите и традицијата во Прилеп од вапсувањето на јајцата на Велики Четврток па се до Велигден


Жените од здружението „Преродба“ од Прилеп традиционално како и секоја година на Велики Четврток ги вапсаа јајцата за големиот христијански празник Велигден. Според обичајот домаќинките прво вапсуваат три јајца, уште пред изгрејсонце. Секое јајце си има своја симболика. Првото вапсано јајце го викале Божјарче, бидејќи било посветено за Господ. Другите 2 јајца биле посветени едно за домаќинот, а другото за куќата. Сите три јајца потоа заедно ставени во сите и на црвена подлога се ставаат на прозор да ги огрее првиот сончев зрак. Во Прилеп скоро и да нема куќа која не го почитува овој адет или обичај.

„Почнува вапцувањето со велигденските јајца. Ние жените прилепски домаќинки стануваме рано пред сонце да ги вапцаме трите најважни јајца, првото ни е божјарче, второто ни е за домаќинот, а третото ни е за куќата. Кога ќе станиме, кога ќе ги вапцаме јајцата ги ставаме во сито, ситото го постиламе со црвена подлога и ги ставаме трите јајца на прозорец за да ги види сонцето. А ние пред да ги вапцаме јајцата каснуваме едно лебче колку да не бидиме гладни, да не не‘ разбија, јајцата да бидат плодни, плодна куќата да биде, деца да се родат. После кога ќе станат децата му правиме црвено, бело, дебелко за црвено, бело, здраво и живо да ни биде. Оти во сите градови и сите села се посебни адетите, ние прилепчанки вака ги знаеме. Основна е црвената боја, но сега младите што си сакаат ги шараат во разни бои. Црвената боја ја симболизира крвта на Исус Христос и секогаш кога се оди на Велики петок се носи црвено јајце. Потоа ги вадиме јајцата во ситото и сега ги изнесуваме на прозорец“, истакна Менче Милошеска, членка на здружение „Преродба“.

Инаку според православната црква на Велики Четврток, за време на Тајната вечера Христос ја воспоставува Светата евхаристија, односно причествувањето, исто така на Велики Четврток тој е предаден од страна на Јуда. За секој од овие предвелигденски денови има разни обичаи кои се практикуваат. Утре на Велики Петок се оди во црква каде верниците ја целиваат плаштаницата, односно платното кое го симболизира Исус Христос.

„Велики петок е страшен ден, ден на оплакување, во домовите нема музика, нема пеење, нема физичка работа работење, сето да биде на тивко, на мирно. Се облекуваме домаќинките со своите дечиња и одиме во храмовите, таму носиме црвени јајца и свежи цвеќиња. Кога влегуваме таму плаштеникот е поставен, распетието на Исус Христос е поставено и сите носат дарови и поставуваат на распетието, а ние го целиваме плаштеникот од Исус Христос и таму на крајот од плаштеникот не‘ пречекува свештеникот и ни подава зелено цвеќе. Потоа кога народот излегува од црквата во кругот на црквата има поставено тезги, тука е најголемата радост на дечињата, си купуваме се‘ и сешто, за здравје. Потоа овој ден до ручек поминува така, а после ручек, пред зајдисонце свештениците излегуваат со плаштеницата и со распетието од храмовите и со група народ се оди околу црквата 3 пати. Тоа значи веќе следува погребението на Исус Христос“, рече Спасија Грижоска, членка на здружение „Преродба“.

Во саботата пак се прават последните подготовки за најрадосниот ден во Христијанството – Велигден. На полноќ се оди во црква.

„Пред полноќ одиме в црква и свештеникот ги изговара зборовите: дојдете и земете светлина. Свештениците ја земаат плаштеницата, излегуваат од црквата, ја затвораат вратата и 3 пати се врти околу црквата и се пее песната Христос воскресна. Потоа имаме литургија, се причестуваат и се кршат црвените јајца и се омрсуваме“, изјави Лилјана Маркоска, членка на здружение „Преродба“.

Во неделата е Велигден, најголемиот христијански празник, Воскресението Христово.

„Велигден паѓа во недела, го менува датумот, но денот не го менува. Се чести и слави 3 дена, тоа е најголемиот и најславниот наш христијански празник. Првиот ден на Велигден се оди во црква на велигденска служба, тие што се за причест се причестуваат, некои одат и до вечните почивалишта на своите најблиски. Кога се оди во црква не се пуши и не се пие кафе. Првиот ден на Велигден гостинчиња ни се нашите најмили, нашите дечиња кои шетаат со татковците, а мајките дома ги чекаат другите гости. Ги даруваме со црвените јајциња и тоа преставува една голема радост за нив, ги одбираат најголемите јајца, најшарените јајца. Исто така голема забава им преставува кога се кршат со своите во семејството, па кој има појако јајце се смета дека ќе биде здрав цела година и јак. Адетите се одржуваат, ние постарите ги одржуваме, но и помладите вапцуваат јајца, се интересираат за сите традиции кои што ние ги поседуваме. Другите денови, вториот и третиот ден одат повозрасните кај своите роднини да го честитаат празникот. Овој празник не само што е радост за децата, радост е и за големите затоа што тогаш се вклопува, се соединува фамилијата на еден заеднички ручек. За традиционалното јадење, велигденската трпеза е богата со јагнешко месо. Јагнето како симбол на смиреност, на младост го симболизира Хрисос. Тука се и сармичкитеод лоза или од штаве. Најтрадиционално е козињакот кој го правиме, тоа се прави со години, а тука да не ги заборавиме и ванилиците. Тие се традиција, како што памтам јас мајка ми ги правела, баба ми ги правела, а и јас ден денес ги правам. Христос воскресе, навистина воскресе е терминот кој се употребува, се поздравува до 40-те дена од воскресението Христово, односно до Спасовден. Хрисот воскресе, навистина воскресе, нека донесе мир и спокој во секоја фамилија, во секој дом, нека победи разумот над злото. За многу години да е, амин!“, кажа Павлина Јосифоска, членка на здружение „Преродба“.

Прилеп има навистина посебни обичаи кога доаѓаат овие Велигденски денови, а интересно е што тие се почитуваат и од постарата, но подеднакво и од помладата генерација.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи