Иако прилепскиот регион го има корундот, еден од најпознатите рубини во светот, а исто така во рудниците за минерали може да се најдат и сафири и смарагди за жал продажбата на овие скапоцени камења кај нас воопшто не е регулирана со закон. Според геолозите Македонија од ова не гледа никаков бенефит затоа што целото наше богатство се изнесува по тајни канали на црниот пазар.
„Треба да има некоја измена во Законот за минерални суровини за да може да се доработи оваа тема и да можеме да управуваме со овој камен прво. Во меѓувреме големи количини одат на тие црни берзи и полека ние го губиме македонскиот рубин.
Колкави количини заминуваат на тие берзи годишно?
Годишно сигуно и тони заминуваат, значи големи количини.
Од македонски рубин?
Од македонски рубин, па и други минерали.
Како се изнесуваат од државава вакви количини од македонски рубин?
Константно тука доаѓаат купци кои го изнесуваат на црниот пазар“, истакна м-р Васја Дамески, дипл. инж. геолог.
Македонскиот рубин може да се купи на различни страници на интернет. Пример ова необработено парче од 63 грама се продава за 2.500 евра. Други помалку чисти и вредни по 1.200 евра.
„Неговата вредност се мери во карати, еден карат е 0.2 грама, а еден карат обработен може да биде од 100 до 200 долари. Вакви груби примероци, зависно од начинот на обработката, секој различен примерок има различна цена во зависност од квалитетот и чистината. Вакви примероци ние ги гледаме во збирките во музеи кои коштаат многу повеќе, отколку што се продаваат овде, некој примерок може да вреди од 2 до 3 илјади евра“, додаде Дамески.
Во прилепско има околу 15 рудници за архитектонски камен, каде се пронаоѓаат овие скапоцените камења. Таму примарно се ископува мермер, гранит, оникс и друго. Проблем е и тоа што годишно од прилепско се ископуваат минерални суровини во висина од околу 70 милиони евра, а Општина Прилеп од тоа добива мизерни само околу 1% или од 600 до 700 илјади евра и плати за уште околу 1.500 луѓе кои работат во овие рудници. Според експертите и тука се потребни итни промени.
„Ние мислиме дека е потребно да се формулира поинаку Законот за минерални суровини, односно да се формулира на ископана маса, а не на концесиски надомест. Сега тој што ископува повеќе маса, што врши поголем откуп треба нормално повеќе и да плати. Концесискиот надоместок е врз основа на километри квадратни.
Без разлика колку маса ископуваш?
Без разлика. А тарифникот е на продадена површина“, истакна Дамески.
Засега скоро и да нема рекултивација на рудниците, за да не останат само пусти подрачја после нивното искористување. Во дел од нив пак се вршела некоректна експлоатација, односно за да побрзо се дојде до најдобриот материјал се вршеле темелни минирања при што се уништувал голем дел од минералната суровина која не е со најдобар квалитет, но сепак може да се продаде по пониска цена и за која може да се наплатат даноци.