ВИДЕО – Минијатурите на Емил Димоски изработени до перфекција, изгледаат како вистински куќи


Минијатури на стари куќи изработени од природни материјали, до вистинска перфекција, преку најситните детали кои што се составен дел од нив. Тие изгледаат толку вистински, што ќе помислиш дека секој момент на овие чардаци може да се појави некој човек. Вака изгледаат уникатните дела на професорот по физика Емил Димоски од Прилеп, кој започнал да се занимава со ова несекојдневно хоби пред 20-тина години. Вели дека отсекогаш го привлекувала руралната архитектура на куќите во нашите села. Прво започнал да прави куќички од кибритчиња, а потоа започнал и вака да ги ѕида како вистински мајстор.

Секогаш кога одам во планина јас претежно гледам во земјата нешто автентично што можам да го искористам во самата градба на куќите. Фасцинантно е што во самите градбри зависи дали селата гравитираат како ридско планински или рамнински. Самите градби кај тие што се ридско планински главно биле градени од камен, местото каде се наоѓа материјалот. А рамнинските претежно се со кал, со плитари. Сега и плитерчиња мали си правам, како што се правеле плитари, се печеле на сонце, сега правам мали калапчиња со земја, па на сонце ги сушам. Во самиот плитар некаде ставале слама за да стегни повеќе, така да и јас користам слама, како што се граделе автентично, така и јас користам материјали соодветно да ги создадам куќите“, вели Емил Димоски, уметник.

Куќите се толку автентично изработени што Димоски внимава дури и бојата на материјалите да соодвествува на староста на куќите кои сака да ги прикажи.

За прозорците, од забот на времето прозорците се скршени, но рамките стојат. Дограмата, заедно со вратите со текот на времето од сонце, од ветер, од временските неприлики добиваат сивкаста боја, значи гледам и дрвцата што ги користам јас сивкаста нијанса да имаат. Такви ги најдувам во природата, да не биде нов чардакот, со нови дрва, боја не користам бидејќи нема да изгледа старски доловено како што се автентичните куќарки сега“, додаде Димоски.

За една ваква куќарка да ја изработи му биле потребни од 1 до 2 месеци. Сам ги изработува дури и најсите детали на овие макети, како маси столици, бутини и се останато.

На некои имам и черги, дипли, јамболија на чардакот преметната, низа за пиперки ако има, така да тие детали одземаат подолго време во самата изработка, зависи од елементите што треба да ги доловам. Бидејќи и една дипла да се направи, или бутин, или троножни столчиња, или синија, се одзема време, качиња ако има, значи сите детали се мое производство, минијатура со пинцета ги градам и со скалпер за да ги изрендам мали. Ако е бутин сите делчиња дури ги составам, нијансата да ја доловам треба прво да ги најдам дрвцата, потоа со скалпер ситно ги сецкам, па метален обрач околу за да изгледа како бутин“, кажа Димоски.

Дел од макетите ги израбоитува и во грниња или во лејки.

Значи црпката треба да се најде автентична, поубава, потркалообразна, да се пресечи, знаеме сета мов е внатре, па семките да се извадат, да се исшлајфа, да се испацира, па тек потоа глина се нанесува за рељефност да се добие, па дури потоа се гради. И грнето за грав, нормално испечено тоа, треба да се пресечи убаво, прецизно, за потоа внатре да се гради, значи самата подготовка одзема време, не е само градењето, зависи какво е делото“, истакна Димоски.

Во последно време започнал да прави и слики, со земја песок и растенија.

Сеам со ситно сито за брашно различни нијанси на земја, користам некаде околу 10тина нијанси на земја во самата слика. Зависи ако има рѓа од плех, ја вадам рѓата, ја сеам, па ја нанесувам ,на покривот од ѓерамиди ситно ги рендам и ситно ги сеам па користам и боја некаде“, кажа Димоски.

Досега има изработено 40-тина вакви минијатури. Најчесто ги изработува за своја душа и мерак, но дел и ги продава, особено сликите, но исто така по порачка изработува и од 3Д макетите на куќарките.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи