Го посетивме манастирот Свети Јован Претеча, во близина на демирхисаркото село Слепче, по кое и манастирот го добил името, односно го нарекуваат и Слепченски манастир. Инаку според преданието, тука покрај ова место поминува Самоиловата војска враќајќи се од битката на Беласица. Ослепената војска на Самоил, пред да замине за Преспа, одмара тука, така да дел од преданието вели дека токму поради тоа ова место се нарекува Слепче. Овој манастир има многу богата и славна историја, еден од најзначајните сегменти од минатото на овој манастир е познатата Слепченска препишувачка школа која што дејствува во рамките на Охридската Архиепископија. Многу повеќе околу минатото на овој манастир, но и за сегашното модерно, современо функционирање, поразговаравме со отец Серафим, игумен на Слепченскиот манастир.
Отец од кога датираат првите записи за постоењето на овој манастир?
Најстар запис, фрагмент, односно доказ е една карта од 6 век, кај што е лоциран манастирот, веќе постои во 6 век, значи се враќаме на оние преданија дека манастирот е од 5 век и опстојува веќе повеќе од 15 века, со тоа што доживува нагони и падови. Два пати е запален. Со најновите истражувања се открија 2 храма од 6 и 13 век и сега е овој трет што е направен. Овој манастир е сопственик на една од најстарите списи во православието кои што постојат, а тоа е Слепченскиот Апостол од 10 век, но исто така има и 3 листа на еден Слепченски зборник кои се сочувани и се наоѓаат во Ватикан. И замислете Ватиканската библиотека него го има под број 3. Слепченскиот Апостол има назив Атински и се вклучува во светската збирка на сочувани ракописи, иако мора да се напомене дека главната работа на препишувачката дејност на манастирот била да се преведуваат од латински и старогрчки записи, книги, житија и сето она што делувало тоа време во црквата на новосудениот тогашен јазик Глаголицата. Инаку овој манастир е посветен на светиот претеча господов Јован е Ставропигијален манастир на Охридската Архиепископија, по сите истражувања што нашите научници ги направија досега и е директно под покровителство на Охридската Архиепископија. Тоа значи дека кога се зборува за препишување, имаме препишување на најзначајните дела за потребите на големата црква. Големата црква е Св. Софија и е сето она што е дејност или ширење на Охридската Архиепископија, нејзината просветителска дејност и создавањето на нови храмови и манастири, каде гледаме дека монасите тука особено се истакнуваат со припрема на евангелијата.
Дали се знае колку вакви дела се создадени за време на таа позната препишувачка Слепченска школа и кога бил нејзиниот најголем процут?
Колку? Само ќе ја спомнеме книгата што оваа година се надеваме да излезе во печат, бидејќи тоа претежно го правиме со средства кои се заработуваат на ова поле овде во манастирот и со одредена помош на одредени верници. Значи оваа година ќе излезе истражувачката книга на академик Ѓорѓи Поп – Атанасов во Б4 формат. Таа има 500 страници, а 500 страници се најмалку со 3, 4, 5 ракописи на една страница напишани со мало сиже, значи доаѓаме до бројка од над 2.000 ракописи кои биле тука направени и кои постојат денеска, имаат свој број и точно се знае каде се наоѓаат.
Каде се наоѓаат најголем дел од ракописите на Слепченската школа?
Во Бугарската народна библиотека, Бугарската академија, Академијата на Република Хрватска, имаме мал дел во Србија, во Белград, голем дел имаме во Санкт Петерсбург, во Одеса, во Москва. Тоа се збирки кои што носат свое име, пример збирката на Виктор Григорович во Москва, на знача јните дела кои тој ги собирал во славистиката, православието, за подигање на таа збирка на највисоко можно ниво. После го имаме Александар Гилфердин, Стефан Веркович кој бил колекционер, еден од најголемите во тогашно време, 19 век, и кој бил распространет на повеќе места. Тоа е огромен фонд.
Кога се губат најголем дел од овие од манастирот, кога исчезнуваат?
Во 19 век, тие луѓе биле наречени патеписци, но не се патеписци туку се директно финансирани. Пример Виктор Григорович е директно финансиран од рускиот цар, макар што тоа е добро, му се плаќа на султанот и од далечни места собира тоа што може да собери. Замислете Слепченскиот Апостол денес се наоѓа на 7 до 9 места, зборуваме за по една до две страници, но да го има.
Оној што е создаден во 10 век?
Да, тој бил создаден во 10 век. После тоа во 11 век, 12 век имаме една плејада на книги кои постојат, но особено зборниците се многу битни, сите оние научни дела кои се резиме на сето она што се разбирало како православие, како теологија, како богословија, како догматика во православието и кое што е од огромно значење во раководењето на една помесна црква, односно правилното раководење на православието за да не се забега во одредени ереци, струи, итн.
За жал Македонија во денешно време во хартиена форма скоро и ништо да не поседува од овие познати дела кои се креирани тука во манастирот, но веќе неколку години наназад вие активно работите тие дела да се вратат тука барем во електронска форма, која потоа ја печатите и можеме да ги видиме тие дела во овие книги. Кои дела успеавте да ги вратите и на каков начин?
Македонија навистина не поседува, но постои едно друго нешто што е потажно, а тоа е што Македонија не вложува во анализа на овие ракописи. Го имате академик Поп – Атанасов кој е веќе во поодминати години, ако згасне неговата катедра, кој ќе го сработува потоа ова? Да, постои секцијата што тој ја создаде во манастиров, уште додека беше покојниот академик Грозданов, кој даде нота дека мора да постои истражувачки центар, Поп – Атанасов се зафати со сето тоа, но кадрите полека од овој тип на луѓе кои треба да го знаат тоа научно да го анализираат за жал се гасат, а Македонија не вложува. Испаѓа дека Македонија не вложува во својата историја.
Зошто државата нема слух да вложи да се вратат овие дела?
Зошто нема слух, тоа е добро прашање. Тогаш би заклучиле дека Македонија нема стратегија за овие работи, се нема национална стратегија за својата историја, тоа значи дека корените сами си ги кастриме, не треба друг да доаѓа од страна. И ние викаме денес дека ракописите се однесени, па добро однесени се, еве овие ги вративме, кој ќе ги работи сега? Значи ние мора да имаме кадри на тоа ниво, има одредени личности кои работат, работеа и ќе работат, но сите овие катедри гаснат и тоа е еден голем проблем наш, бидејќи ако ние го расчитаме ова, еве ќе го земам Помјаникот Слепчански, тука се илјадници личности напишани, јеромонаси, монаси, архиепископи, кои постоеле, во 14 век се спомнувани. Што значи тие постоеле порано, што работеле на нивната архиепископија. Ова никој не може да го побие.
Колку вакви дела успеавте да вратите?
Моментално имаме околу 200 вакви дела и полека како што се анализираат, како што се обработуваат, така ќе бидат и изложувани. Значи во манастиров припремаме одредени простории, нови простории во кои ќе го најдат местото овие ракописи.
Како музејска поставка?
Може да биде како поставка, но дај Боже да ги има младите заинтересирани научници од фелата македонска, да ги работат, да ги анализираат, да дадат свое мислење и понатаму да се спроведува се она што постои во светот.
Дали беше тешко да дојдете до нив и да ги донесете во електронска форма во Македонија? Дали другите држави кои ги поседуваат во хартиена форма не ги чуваат љубоморно?
Можеби е и придобивка да ги чуваат љубоморно, бидејќи не се знае во чии раце ќе паднат. Има една шега од еден наш научник, вика сите тие околу нас работеа за нас и работат за нас, бидејќи ни ги чуваат. Сега еве ние ги имаме, но прашање е како ќе ги сработиме, како ќе излезат на виделината на денот, како ќе се употребат итн. Нема ништо скриено, историјата е таа, најмногу преку личностите кои живееја тука и кои го работеа ова.
Го спомнавте Слепченскиот Апостол, едно од највредните дела тука?
Како најстаро.
Дали ќе ја виде светлината на денот во една ваква форма?
Секако, наскоро тоа ќе биде. Тоа ја виде светлината на денот, но сфатете дека постојат доста средства тие простории да се опремат, со точна климатизација, со точни поставки за таа намера, да бидат поставени во еден експонат за да бидат во увид на сите. Инаку во депо не се чува тоа, тоа е кожен повез, подложно е на временски дејствија, хартијата е посебна, гледавме да биде колку може поблиска до оригиналот.
Враќањето на нашата култура и историја е комплетно дело на сестринството во манастирот и ваше. Кога ќе ја побарате поддршката од државата и научната јавност, кој е одговорот?
Јас сфаќам и разбирам дека постои политика, добро сфаќам и разбирам, но фала му на Бога во Македонија постојат личности, тоа не се гледа по партии, тоа се личности, луѓе кои се заинтересирани да го помогнат ова и да работат на оваа нива. Инаку не можам да се пофалам дека од било која гарнитура некој во минативе 25 години се појавил да каже, еј чекајте, ќе одвоиме од ова и ќе го направиме тоа. Не, баш спротивно, затоа што следствено на ова создавање, тука го имаме Слепчанскиот пролог, еве го денешниот Слепчански пролог, тоа е дело на сестрите од манастирот и ние отидовме према нашето Министерство за поддршка за печатење на тие што се новосоздадени. Моментално имаме проект од 30 до 40 години кој ќе трае и тој проект подразбира издавање на новосоздадени дела, за кои добивме рецензии од скоро сите славјански академии, и од Бугарската, и од Руската, и од Српската, дури и од Грчката за таквото дело, која вика дека покрива период од 1.000 години, но тоа е новосоздадено. Кога ние доставивме на конкурс до Министерството за култура во оваа влада, во минатата и во предминатата, значи изминативе години се менуваа партиите, ни беше одговарано од страна на Министерството дека не е од национален интерес. А кој е нашиот национален интерес? Дајте ни ја платформата.
Колку чини издавањето на едно ваква книга?
Издавање на 1.000 примероци од тоа не е помалку од 25.000 евра.
Тоа се сопствени пари на манастирот?
Да.
Без помош од други институции?
Со помош божја и со помош на нашиот народ. Затоа не мешам јас политика, не ја земам во предвид политиката, сметам дека постои недоволно сознание за многу нешта и дури и неверување дека постојат такви очигледни артефакти кои се сопственост на македонскиот народ, на црквата во Македонија, кои низ вековите постоеле, разграбани се насекаде и сега бараат своја репатријација. Никој во светот, никој, во која сакате научна институција, дали ќе одите во Москва, или ќе одите во Софија, или во Атина, или во Белград, било каде, Париз, Ватикан, нема да ви каже дека ова не е Слепчанско и дека не е од тлото на Македонија. Тие самите во фусноти го пишуваат тоа, Слепче.
Ќе продолжите и во иднина да ги враќате назад овие дела колку што можете?
Тоа ми е должност, тоа ни е должност на сите, не само мене, туку и вас и било кој.
Отец ви благодарам за одвоеното време и за овој разговор.
Фала му на Бога.