ВИДЕО – Слепченскиот манастир ја продолжува традицијата на старите техники за иконопис, плитка резба и ги чува делата на препишувачката школа


Манастирот посветен на Свети Јован Претеча во близина на демирхисарското село Слепче е милениумски чувар на многу историски тајни, уникатна убавина и раритетна уметност. Ова место има своја славна историја, а најзначен дел од неа е надалеку познатата Слепченска препишувачка школа која дејствува во рамки од Охридската Архиепископија. Но за жал во 19 век сите тие списи, над 2.000 на број, се изнесени од Македонија. Денес сестринството на манастирот под водство на игуменот Серафим се обидува да поврати дел од нив во електронска форма. И повторно да ги испечати. Досега повратиле 200 дела, но за жал без никаква помош на државата.

Тука нема национална стратегија за овие работи, а да се нема национална стратегија за твојата историја, тоа значи едноставно значи дека корените сам си ги кастриш, не треба други да доаѓаат од страна. И ние викаме денеска ракописите се однесени, па добро однесени се, еве овие ги вративме, која ќе го работи сега тоа? Значи вие мора да имате кадри од тоа ниво. Ни беше одговарано од Министерството, од нивните научници таму, дека не е од национален интерес. Не е од национален интерес? А кој е нашиот национален интерес? Дајте ни ја платформата тогаш“, вели отец Серафим, игумен на манастирот.

Сега планираат во фототипно издание да го испечатат најстарото дело на оваа препишувачка шпкола Слепченскиот апостол од 10 век, кој го собирале на парчиња од повеќе места и држави. Така што цел сега ќе го имаме повторно само ние.

Ова е познатиот стиховен Слепченски пролог, кој за прв пат овде во средновековната литература се појавуваат стихови пред секое житие. Слепченските зборници ги обработуваат догматските и богословски теми на великите свети отци и можеме да констатираме дека монасите кои овде живееле многу добро го владееле старогрчкиот јазик и латинскиот. Сега планираме да го обработиме Слепченскиот Апостол, кој го прибравме како расцепкан од повеќе библиотеки, треба да се состави во една целина“, истакна сестра Екатерина, од Слепченскиот манастир.

Сестринството во манастирот ја возобнови и резбарската работилица во автентичниот стил на некогашната плитка резба со доминација на плетеница. А во ателјето „Свети Лука“ за иконопис и живопис се негуваат техники за цртање стари неколку векови.

Изработуваме икони во јајчена техника, живопис во казинска техника, од казин кој самите го припремаме со помош на обезмастување на кравјото млеко. Целта е преку старите технологии да се долови духовноста на ликот на светителот, да се сочува типологијата на светителот, се работи со полимент, со подлога со болуст. Целосната процедура е една природна постапка со грунд, со креда, ленено масло, полимент кој е еден вид на земја, на глина и кој служи како перниче на златото“, кажа сестра Евгенија, од Слепченскиот манастир.

Возобновена е и издавачката дејност, Манастирот има издадено 50-тина книги преведени од руски, грчки, англиски и српски јазик, над 200 акатисти, а се издадени и стихозбирки на поезија насловена како „Манастирски води“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи