МЛАДЕНЦИТЕ КАЈ ВОСКРЕСНАТИОТ
Исус рече: „Оставете ги децата и не пречете им да одаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно“(Матеј 19, 14).
И навистина, на овој најголем ден, Празникот над прзниците, децата дојдоа при Него, во домот на Воскреснатиот, во голем број, стотици, како никогаш досега. Прекрасна глетка! Небаре возрасни, внимаваа на богослужбата и, повеќето од нив, во хор, ја рецитираа Господовата молитва „Оче наш“ за на крајот на божествената Литургија во Светата Тајна Евхаристија, преку причесната, се соединат со Воскреснатиот. Досега најубава Велигденска Литургија!
На крајот на богослужбата се причестија околу 300 верници од кои околу 250 деца! Храмот не памети во олкав број присутни и причесници на богослужба досега. Величенствена глетка!
Се надеваме дека догодина ќе го повториме овој торжествен настан! Христос воскресна! Навистина воскресна!
Пишува : чтец Андреј Иваноски
Чест и задоволство ми беше што бев дел од едно торжество кое најавтентично може да се доживее на еден од најголемите празник над празниците, кој го славиме православните христијани, во кој ја славиме победата на Животот над смртта, Воскресението на нашиот Господ Исус Христос, Великиот празник Велигден.
Во храмот посветен на преподобната наша мајка Света Петка Прилеп во кој зедоа учество, влегоа и нас останатите возрасни ни го донесоа духовниот Рај, Царството Небесно овде на земјата повеќе од 250 младенци (деца) со нивните гласни молитви, кои со сиот свој глас викаа : Христос Воскресна, Навистина Воскресна!
Солзи радосни се покажаа кај секого од нас и никој не остана рамнодушен на таквата глетка. Свештеникот кога затана пред нив и им го проповедаше словото за воскресението на нашиот Господ и Спасител, младенците со големо внимание го слушаа и учествуваа, духовно јадејќи од спасоносното слово. За прв пат во нашиот град се случи оваа торжествена тајна, на Царството Небесно преку молитвите на децата, Господ да благослови сите да го почувствуваме делчето од духовниот Рај, нашата вечна татковина. И на крајот се причестија сите над 250 деца. Овој настан е пример за тоа како црквата внимателно и со љубов преку благодатта и застапништвото на Светиот Дух, го полага во душите наши уште од најмала возраст духот на вистината, на премудроста и на спасението.
Голема благодарност до старешината на храмот света Петка, протоереј Љупче Петрески, кој несебично се вложи и го направи ова големо торжество заедно со свештенослужителите на храмот заедно со одборот, кој ми ја даде честа да и јас преку певницата да земам дел и да го почувствувам духовниот Рај. Се надевам дека ваквото празнување на Празникот над празниците ќе прерасне во секојдневие, односно не само еднаш во годината туку и на секоја неделна воскресна богослужба. Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја.
Христос Воскресна, Навистина Воскресна. За многу години!