Државата недоволно вложува во промоција на нашето културно и историско наследство преку кое што се отсликува македонскиот народ. Музеите многу малку се посетуваат, нема никакви кампањи за нивна афирмација, огромен дел граѓаните вопшто не знааат ниту што поседуваме, ниту што има таму, а исто така малку пари се одвојуваат и за археологија и нови истражувања. Ова е ставот на граѓаните кои денеска ги посетуваа 8-те поставки на Заводот и Музеј Прилеп кои беа бесплатно отворени по повод Светскиот ден на културното наследство.
„Едноставно треба експопнатите и артефактите што ги поседуваат музеите да се доближат до граѓаните“, вели еден посетител на прилепскиот музеј.
„Историјата на еден народ се гледа во музеите. Треба да се инвестира што е можно повеќе во културата и историјата, тоа ја отсликува нашата Македонија“, додаде друг посетител.
„Важно е да се помогне археологијата, затоа што пред да биде изложен некој предмет тука тој треба да биде прво пронајден некаде. Дефинитивно треба повеќе да се вложува во културата затоа што тоа е лицето на еден народ“, потенцираше трет посетител на музејот.
Иако Прилеп ги поседува едни од поретките музеи во Македонија, па и пошироко, како што е Музејот за тутун, еден од 3-те според вредност во светот, уникатната археолошка поставка, Галерија на икони, поставката за роднокрајно музичко творештво, етнолошката, Участакот и други сепак тие и се многу малку познати на јавноста.
„Имаме толку прекрасни поставки, толку прекрасни изложбени салони, а посетеноста е слаба, заинтересираниоста е слаба. Најбројни се посетите во пролет и есен кога се школските екскурзии и некои странци преку лето“, изјави Горан Цветкоски, директор на Завод и Музеј.
Токму затоа годинава прилепскиот музеј ќе започне кампања за поголема популарузација на музеите, пред се кај домашната јавност, во училиштата, приватните компании, државните установи и преку организација на разни настани во музејот.