ВИДЕО – Прекрасен Велигденски концерт во Македонски Брод


По 16 пат во Македонски Брод, на вториот ден од Велигден, се организираше манифестацијата „Велигденски Кули“, во чиј состав традиционално се одржува и Велигденскиот концерт на повеќе културно уметнички друштва кои тука доаѓаат од цела Македонија. Организатор е Домот за култура од Макеодонски Брод.

„Пристутни ќе ни бидат на концертот повеќе од 7-8 уметнички друштва од различни градови од Македонија, како Свети Николе, Битола, Новаци, Прилеп, Гостивар, Брвеница и други солисти кои имаат желба. Оваа манифестација е 16 по ред, сите културно уметнички друштва ќе се прикажат во свое светло од нивниот крај од каде што доаѓаат со некој традиционален обичај, оро, песна од нивните краишта“, истакна Милена Стојческа, етнолог и директорка на Домот за култура во Македонски Брод.

На учесниците пред почетокот на концертот им беа поделени благодарници, а атмосферата на концертот беше одлична

„Периодот после короната се враќа интересот кај помладата популација. Во нашиот ансамбл членуваат преку 200 членови, денес сме дојдени со пионерската група, околу 20-тина деца и ќе се престават со сплен на песни од Пиринска Македонија“, рече Бранко Жежовски, претседател на ансамблот „Гоце Делчев“ од Битола.

 

„Можам да кажам со задоволство дека се уште има интерес, иако со текот на годините е се послаб и послаб. Се уште наоѓаме млади кои имаат голем интерес за негување на фолклорот и кои активно ќе земаат учество се повеќе и повеќе во идните години.

Како да се афирмира повеќе?

Ова е едно тешко прашање, мислам дека пред се треба една генерално поголема поддршка како од државата, така и од општествено-одговорните компании кои би ни дале една поддршка во напорот кој го правиме за негување на македонската традиција“, истакна Предраг Ристески, КУД „Браќа Ѓиноски“ – Гостивар.

 

„Го негуваме претежно со народни инструменти и еве денес ќе се преставиме со точка на тапанџии. Инаку ова друштво е младо, некаде околу 2 години постои.

Колку членови броите?

Броиме некаде околу 40 деца моментално кои изучуваат“, рече Душко Настески, ансамбл „Божилак“ – Битола.

 

„Ние како културно уметничко друштво од Брвеница учествуваме секоја година на овие велигденски кули се одржуваат во Македонски Брод и чест и задоволство ни е да продолжиме да ја негуваме оваа традиција. Веќе 10-ти пат по ред учествуваме на оваа манифестација.

Со што ќе се претставите пред публика и колку младите денес го продолжуваат овој фолклор, колку сакаат да ја продолжат традицијата?

Денес ќе се претставиме со кореографијата „Водарки“. Колку што можеме се трудиме да ги разубедиме младите да ги насочиме младите да ја негуваат македонската традиција“, вели Маријана Младеноски, КУД „Брвеница“ – Брвеница.

 

„Во што се разликуваат источните ора од другите, која е нивната главна карактеристика?

Главна карактеристика е тоа што се изведуваат со народни инструменти, пред се гајда, тапан, кавал и пред се по препознатливата овчеполска носија која е уникатна во Македонија.

Во што се состои таа?

Кај машките се состои од опинци, чорапи, панталони  , фустани, појас, елеци, кошули, а кај девојките шамија и секогаш украсени со црвено цветче“, потенцираше претседателот на ансамблот „Јанко Глигоров“ од Свети Николе.

 

„Имаме одлична соработка со културно уметничкото друштво од Македонски Брод, настапуваме повеќе години. Имаме 2 групи, оваа е помалата, пионерската група и ќе настапи со орото „Оптан топтан“, кажа Михајло Цветкоски КУД „Новаци“ – Новаци.

 

„За овој настан имам слушнато од интернет, од Милена исто така, што е директорка на Домот. Сакавме да присуствуваме, но бидејќи беше кратко времето за да присуствува пеачката група се одлучив фамилијарно да дојдам и да го видам овој настан, па Господ здравје догодина да можеме да дојдеме друштвото со пеачката група и традицијата“, додаде Лилјана Ацеска, здружение на жени „Преродба“ – Прилеп.

Она што најмногу восхитуваше е тоа што насекаде низ Македонија има голем број на млади кои сакаат да ја продолжат нашата традиција и да го сочуваат фолклорот, народните песни и ора.

„Тапанот го сакам затоа што сакам да ги учам македонските ора и македонските песни кои ги учам од мал. Почнав во 2018 да тропам, досега 4 години, оваа година ми е петта.

Кој ти ја пренесе љубовта кон тапанот, дали некој од твоето семејство се занимаваше со овој инструмент, некој од другарите?

Не, никој, сам почнав.

Се научи сам, или одеше на часови за спремање?

Одев на часови по тапан во „Гоце Делчев“, каде беше мојот прв наставник Бранко Жежовски и учев од него многу ора, песни и потоа стекнав знаење.

Зошто баш тапанот, што те привлекува толку кај  овој инструмент?

 Убав ми е, од душа ми иди да си тропам, повеќе деца на училиште ми викаат те бива, бравос, а јас им викам фала многу“, истакна Ѓорѓи Терзиоски, ансамблот „Гоце Делчев“ од Битола.

  

„Тоа ме исполнува и се чувствувам прилично добро кога шетаме, кога се дружиме, нова запознавања, авантури.

Од каде љубовта кон фолклорот?

Не знам, прва играорка сум во фамилија

Колку време се занимаваш?

8 и пол години, скоро 9“, изјави Милета Стојанова, ансамбл „Јанко Глигоров“, Свети Николе.

 

„Другарки со мене што учат се договоривме, заедно се запишавме и почнавме заедно да одиме и до ден денес сме заедно.

Колку време?

Скоро 8 години.

Што те привлекува?

 Шетањето, дружењето, турнеите, дружбата“, кажа Јана Науновска, ансамбл „Јанко Глигоров“, Свети Николе.

 

„Имам другари во играорната и затоа сакам да играм во играорна.

Колку време се занимаваш со играње?

Три – четири месеци“, вели Теодор Тренчев, ансамбл „Јанко Глигоров“, Свети Николе.

По завршувањето на концерто учесниците ја погледнаа и изложбата „Велигденско јајце“ која ја изработија учениците од Гимназијата, основните училишта и децата од градинката.

„И буквално цела општина беше во тренд на изработка на велигденски јајца. Најубави велигденски јајца, просто да не можеш да одбереш, бидејќи децата креираат, имаат свои преставувања и оваа година можам да кажам дека повеќе од одделенијата работат  групно, ги натеравме децата да бидат во групи каде поинтересно и покреативно се искажуваа“, истакна Милена Стојческа, етнолог и директорка на Домот за култура во Македонски Брод.

Веднаш после тоа се одржа дефиле од Домот за култура до црквата Света Богородица каде учесниците на концертот присуствуваа на тградиционалната манифестација „Велигденски кули“, уникатно празнување за вториот ден од Велигден какво што нема никаде во Македонија. Манифестацијата се одржува со помош и покровителство на Министерсвото за култура, Општина Македонски Брод и црквата Пресвета Богородица во овој град.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи