ВИДЕО – Се одржа 10-та јубилејна клубска изложба на уметничка фотографија „Јордан Зазоски – Зазо“


Во домот за култура Марко Цепенков во Прилеп, Фото Кино Клуб „Прилеп“ ја одржа 10-тата јубилејна клубска изложба на уметнички фотографии, која што традиционално се организира секоја година во чест на фотографот Јордан Зазоски – Зазо. На изложбата беа претставени 61 дело, од 57 автори. Клубот е доста активен, има многу млади кои членуваат, а кога станува збор за подмладокот можеби е и меѓу првите во Македонија.

„Има доста деца кои сакаат да напредуваат во делот на техничките науки кои ги оствцаруваме во Здружението за техничка култура „Народна техника Прилеп“. Со нивна соработка, исто така со Фото сојузот на Македонија, Кино сојузот на Македонија, Националната фото унија на Македонија, сите тие се наши соработници кои ги помагаат нашите деца да се изградат. Некои потоа продолжуваат на факултети за таа уметност, некои се одлучуваат за тоа како професија, некои како уметност“, вели Сашко Попоски, претседател на фото кино клубот Прилеп.

Младите фотографи велат дека сакаат професионално и во иднина да се занимаваат со оваа уметност. Потенцираат дека денес фотографијата нивните врсници многу често ја користат на социјалните мрежи, но дека тие фотографии не се воопшто според правилата за правење на уметничка фотографија.

„Љубовта кон фотографијата ја започнав преку мојот брат кој претходно се занимаваше со фотографија. И кога тој немаше да биде дома јас го земав фото апаратот и правев слики. Тој доста строго ме критикуваше, но тоа од друга страна ме предизвикуваше да направам уште подобри фотографии“, изјави Димитар Ристески, член на Фото Кино Клуб „Прилеп“.

 

„Љубовта започна пред се со учење на фотографијата, со мотивација за креативност, така се изразував, започнав да сликам прво со телефон, потоа со еден обичен апарат, во Фото Kино клубот започнавме со курсеви за фотографија каде се надоградувавме“, истакна Наталија Десоска, член на Фото Кино Клуб „Прилеп“.

 

„Младите денес се служат често со фотографијата на социјалните мрежи, но на послободен начин, не според одредените правила, вака како занает поретко“, рече Сара Талевска, член на Фото Кино Клуб „Прилеп“.

Изложбата ја отвори градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи