Само преку вмрежување на институциите и нивна зголемена комуникација и соработка во иднина ќе биде можен напредокот на државата. Ова беше темата на која денеска на Економскиот факултет во Прилеп дебатираа претставници од различни сфери, полицијата, армијата, научната јавност и бизнис секторот. Според министерот за внатрешни Спасовски, таквата меѓусебна досегашна соработка помеѓу МВР и образовните институции се увидела како доста продуктивна, особено сега после настаните во Србија.
„ Три години по ред, ова е трета година при крај во која што превентивното делување во училиштата и преземање на низа активности еднаш неделно во однос на безбедноста на учениците пред, за време на наставата и после наставата, сега откако се случија настаните во Србија гледаме колку е тоа важно за целиот тој процес. Меѓутоа сметам дека таа институционална соработка ќе мораме да ја зајакнеме уште повеќе и превентивно да делуваме во насока на сите тие ризици кои се во делот на воспитувањето и образованието, а тука вклучувајќи го секако и семејството како една од клучните и најважни алки во целиот овој процес, затоа што не е фер да ги префрлиме сите работи само на образовните институции во овој период и тие да бидат одговорни за сето тоа што ние како луѓе или како семејства не сме направиле“, истакна Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Претставниците пак на економскиот сектор во ова вмрежување на институциите гледаат шанса за зголемување на продуктивноста на трудот, раст на животниот стандард и стопирање на иселувањето.
„Треба преструктуирањето да се направи целосно и од страна на државата и од страна на работниците и од страна на работодавците и само сите три елементи заедно вклучени, каде отворено ќе разговараме за сите проблеми со кои се соочуваме и за сите недостатоци кои треба да ги надминеме. Ако успееме само малку да мрднеме сите три страни тогаш продуктивноста на трудот ќе се зголеми и на тој начин и животниот стандард и нашата конкурентска вредност и тоа е единствениот начин на кој треба да се фокусираме во иднина“, Ирена Јакимоска, сопственик на „Комфи Ангел“.
„Компаниите да се поддржат да ја зголемат својата продуктивност, да можат да понудат подобри услови за вработување и сето заедно и компаниите и земјата да се направат атрактивни за генерациите и младите што одат да работат во странство да се отвори обратен процес и да се враќаат во земјата“, истакна Глигор Бишев, претседател на Советот за образование и економски истражувања при Стопанска комора за Македонија.
Според светското искуство ваквото вмрежување на институциите имаат шанси многу побрзо да го воспостават малите држави како Македонија и тука била нашата предност.