Објавен новиот број на списанието „Стремеж“

Новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ 1 за 2023 денес излезе од печат.

Во рубриката Златен венец на Струшките вечери на поезијата може да се прочитаат најнови песни на годинешниот лауреат Влада Урошевиќ.

Во рубриката Поезија во првиот број на „Стремеж“ за 2023 година застапени се песни од поетскиот ракопис „Мед и младост“ на Гордана Михаилова-Бошнакоска, како и поезија од Катица Ќулавкова, Емилија Тодорова, Сузана В. Спасовска, Тони Попов и Павлина Атанасова.

Рубриката Проза ги донесува расказот „Експеримент“ на Оливера Николова, извадокот од поетскиот роман во ракопис „Ловец на поети“ од Владо Јаневски и три раскази на Гордана Каракашовска.

Рубриката Нови гласови ја промовира кусата проза на младата македонска авторка Нина Насеска.

Во рубриката Препеви, преводи застапена е поезија на српскиот поет Павле Горановиќ во препев на Никола Маџиров, песни на Руди Алфонсо Гомез Ривас препеани од Звонко Димоски и песни на албанската поетеса Елона Чулик во препев на Сашо Огненовски.

Рубриката Театар им го претставува на читателите драмскиот текст за деца „Си беше еднаш едно прваче“ на Сузана Ѓорѓиевска, како и студијата „За театарските работи“ на Иванка Апостолова-Баскар.

Во рубриката Критики, есеи, студии објавени се рецензијата на Лидија Капушевска-Дракулевска за поетската збирка  „Секој секому огледало“ од Андреј Ал-Асади, критичкиот осврт на Марина Мијаковска за книгата раскази за деца „Зимски сладолед“ на Васил Тоциновски, Ацо Гогов пишува за патописната проза на Видое Подгорец, а Петар Петрески за женскиот принцип и оригиналниот прозен и драмски книжевен опит на Габриела Стојаноска-Станоеска.

Списанието „Стремеж“ го издава Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со поддршка на Министерството за култура.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи