Годинава од 9 до 16 јуни во Прилеп ќе се одржи 57-то издание на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Денешен наш соговорник е Ана Стојаноска, селектор и директор на фестивалот. Како што најавивте на прес конференцијата што се одржа во понеделникот, во периодот во месец септември минатата година, па се до мај оваа година сте изгледале 52 претстави скоро низ сите театри во Македонија и од нив се избрани 9 во онаа официјална конкуренција, а останатите се во другата програма. Пред да започнеме со разговорот околу претставите и оној нов концепт кој вие го имате замислено за годинешниот фестивал, стоиме тука пред новиот постер на фестивалот, тука имаме една булка и горе пишува враќање дома. Кој се враќа дома и од каде?
Идејата да се вратиме дома е на неколку нивоа размислена како таква, кога ме избраа да бидам уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“ ја замислив платформата под ова име затоа што сакав симболично да биде враќање дома и мое, како прилепчанка да се вратам дома. Истовремено публиката која редовно одеше на театар, а за жал поради пандемијата беше спречена да оди на театар и таа да се врати во својата дома, во уметничката дома, гледалиштето. И исто така да дадеме една метафора во однос на драмата „Чернодрински се враќа дома“ на Горан Стефановски, да ги споменеме Чернодрински и Горан Стефановски, двајцата големи театарски уметници од Македонија. Како што почнав тоа да го размислувам, така концептот се развиваше сам по себе си, така што целата програма е склопена во однос на тоа враќање дома, а симболиката на булката е повеќе од очигледна, сепак е тоа едно растение кое кај што не го очекуваш ќе изникне и ќе го покаже отпорот што го има во однос на целата ситуација, така што сметав дека одговорот на прашањето што правиме сега и како правиме во период на криза, на разни непријатни ситуации кои ни се случуваат во секојдневието, дека сепак уметноста е таа што треба да ни го даде добриот ветар во грб, да почнеме да размислуваме малку кон подобро.
Истакнавте дека годинашното мото на фестивалот е радоста на играта, или пркосот на креацијата.
Тоа е всушност концептот на селектираната програма, затоа што сметам дека во суштина некако забораваме каде е радоста на уметноста. Уметноста ако нема радост не треба ни да ја има како таква, да има уметност која се занимава со многу тешки теми и таа е повеќе од потребна, меѓутоа секој уметник треба да биде создавач, треба да биде оној кој ќе ја почувствува убавината на своето создавање.
Каде се изгуби радоста во уметноста?
Првиот одговор е во политиканството, мислам дека тоа е најдобриот термин што тоа би го објаснил, потоа во тоа што станува сеедно, без разлика што имаме секојдневни предизвици на разни полиња. Потоа затоа што не ни е доволен интерес на одредена уметност или одредено однесување во рамките на културниот живот и затоа сметав дека треба да се потсетиме дека во театар е најважно да се игра, во театар најважна е енергијата што ја пренесуваат актерите на публиката и публиката што ја возвраќа на актерите. Овој концепт не ги потценува другите учесници во театарскиот чин, напротив, меѓутоа им дава поддршка на актерите, затоа што да не се актерите нема да постои театар.
Овој фестивал го отвора „Инферно“ на велешкиот театар. Кои се останатите претстави кои ќе има можност да ги види публиката и во оној официјален дел, но исто така нагласивте дека годинава фестивалот е коцепциски поделен на 4 делови, на 4 програми?
Во официјалната програма доаѓа „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар, „Бесачи“ на Македонскиот народен театар, прилепската претстава „Мистерија Буфо“, „My name is Medeja“ на битолскиот театар. Од Охрид е „Несфатената цивилизација“. За прв пат селектирам детска претстава, условно земено, тоа е „Роња“ од театарот за деца и младинци, затоа што сметам дека е многу важно таа претстава да се види како сериозна театарска претстава. И од албанскиот театар „Три сестри“. Во придружната програма, односно целиот тој блок што ќе следува понатаму во таканаречената оф актива, затоа што таа ќе треба да зборува малку поагресивно во однос на оваа селекција која е официјална се претставата од турскиот театар „Човек перница“ и „Циркус Пирандел“ од струмичкиот театар. Тука ќе бидат вклучени дипломски претстави, секогаш им даваме можност и на студентите да дојдат на фестивалот и истовремено имавме еден повик за независна продукција што работи домашни автори, затоа што тоа е многу важно бидејќи немаме домашни автори во селекцијата. Имаше неколку во тие 52 претстави што ги изгледав, меѓутоа не одговараа на концептот или не беа сработени како што треба. Од таа независна продукција тие се различни формати на претстави, нема да се играат сите во театрите туку ќе имаме алтернативни простори, тука ќе биде навреме објавено кои се и како се. Има неколку многу интересни претстави што сметам дека е многу важно на публиката во Прилеп да ги види.
Од 52 претстави, дали беше тешко да се одберат овие 9 во официјалниот дел?
Гледајќи ги претставите цело време размислував што би можело да биде привлечно да го види публиката во Прилеп пред се, бидејќи целта на фестивалот е публиката да го види најдоброто од Македонија. Тоа беше од таа тешка страна. Втората тешка страна, кога се соочив со гледањето на сите тие претстави, независно дали во професионалните театри или во овие независни продукции што се случуваат, беше повеќе во институционалните театри тој момент како некако да се нема однос кон театарот, што е денес театар, на кој начин фунцкионира театарот, дали театарот има своја репертоарна политика, дали државата има стратегија за театарот. Сите тие прашања јас си ги поставувам, бидејќи цел живот се занимавам со театар како театролог и сметав дека некој треба гласно и јасно некој да го каже моментот, што ни фали, затоа што нели мора да се искажеме. Затоа сметав дека оваа селекција ќе биде направена на ваков начин да покаже што влегува во концептот, а истовремено да покаже што е најдобро во моментот, па потоа ќе видиме дали публиката и жири комисијата ќе се согласи со мојот избор или не.
Освен тоа што го одбравте најдоброто од Македонија, спомнавте и за тоа да се види што ни фали. Што ни фали?
Ни фалат неколку работи, прво мислам дека секој театар треба да има оформено своја репертоарна политика, треба точно да ја формира театарот, со што се занимава, дали има концепт на сезоната, дали има концепт на работата на самиот театар. Ни фали внимание на домашните автори, сметам дека е многу важно една национална куќа да има национална драма, да се почитуваат домашните автори, не само класиците туку да се почитуваат и оние што доаѓаат, млади автори имаме многу добри. Ние цело време мислиме дека немаме автори затоа што немаме пристап до тие автори, а всушност имаме. Работата е дека режисерите треба да читаат повеќе домашни драми и директорите на театарите, уметничките раководства да ја креаираат таа репертоарна политика, тука е тој главен проблем. И третиот е дека не може постојано да се оправдуваме дека немаме пари, едноставно еве ќе ги видите неколку претстави не се направени со големи пари, а ја гледаме радоста на актерите, гледаме како режисерот добро се снашол со изборот на актерите, гледаме како успеале од моменталната ситуација во театарот да направат одлична претстава. Мислам дека фали повеќе мотивација, повеќе љубов за театарот и едноставно целта да ни биде театарот да живее во Македонија.
Како го оценувате денес односот на државата кон македонскиот театар?
На неколку начини, пак ќе одговорам со неколку можни одговори. Сметам дека државата може повеќе да направи за македонскиот театар, сметам дека треба и театарот сам да се промени системски. Мислам дека заедно Министерството за култура и театрите можат да помогнат кон подобро решение, затоа што овој систем на кој што работиме е веќе застарен систем, се променуваат нештата и треба да се промени системот на финансирање на театрите, начинот на кој што се конципирани театрите, во начинот на водење, начинот на креирање на програмата на театрите, тука треба да се направат некои промени за да може државата адекватно да помогне, а сметам дека треба многу повеќе да се помага за театарот.
Дали би помогнало тоа кога театарот би се одделил повторно од Центарот за култура?
Да, се разбира, мислам дека тоа е многу важно да се одвои театарот од Центарот за култура, центрите за култура се големи институции кои имаат различни интереси, така што би требало театарот да остане во фокусот за да може и тој што го менаџира театарот поуспешно да го изменаџите, а и публиката, бидејќи овие сцени во центрите за култура не се театарски сцени, за да може публиката да ужива во подобри театарски претстави. Така што многу е важно да се издвои театарот од Центарот за култура, да функционира самостојно, би било поедноставно и околу организација, околу менаџирање, околу финансирање итн.
Кога ги спомнавме професионалните сцени, тука 57-ма година по ред се одржува македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. После години и децинии во најавување за изградба на нов театар во Прилеп, ние се уште играме тука на сцената во Центарот за култура која е универзасла сцена за повеќе намени и во театарот, зграда која е пред распаѓање и стара можеби повеќе од еден век. Колку Прилеп го заслужува конечно да го добие тој нов театар?
Требаше уште многу одамна Прилеп да го добие тој нов театар и сметам колку побрзо се направи ќе ни олесни и нас за фестивалот, затоа што за жал неколку претстави откажаа, кои сакав да ги донесам како гости поради неприлагоденоста на сцената. И не само тоа, оваа публика најмногу заслужува нов театар, прилепската публика, не дека и јас сум припаѓала на таа и припаѓам се уште, го сака театарот, сака да оди на театар, тоа не е општо место, не е некоја флосхула која ја повторуваме и сметам дека таква публика и ваков значаен фестивал, најстариот и најголемиот македонски театарски фестивал заслужуваат достоинствен простор, така тоа би го нарекла.
Оваа година има и нов концепт целиот фестивал, кои се новините кои ќе има можност да ги види публиката?
Публиката ќе види различни новини, од самиот старт идејата беше да се воведе детска зона, од 10 часот наутро децата ќе имаат можност на местото каде што е киното „Мис Стон“ во Центарот за култура, надвор и внатре да се запознаваат со театарот од најмали нозе. Тоа е еден момент кога ќе може да се види што сме сработиле и во едукативните работилници овие 9 месеци додека работиме од септември наваму, секое училиште што учествува во едукативните работилници, тоа се 4 основни и 4 средни училишта да ги покажат своите достигнувања за време на програмата што ја следеа. Потоа во 12 часот следуваат разговорите на тркалезна маса, сакам да се зборува за театар, сакам јасно и гласно да се зборува на тие разговори за да можеме да му помогнеме на театарот да биде уште подобар. Ќе се случуваат работилници, трибини кои ќе бидат поврзани со театарот, со независната продукција, со драмските автори, ќе обрнеме внимание на авторот во фокус за оваа година. Потоа ќе снимаме подкасти во живо во 14 часот и од 17 ги отвораме фестивалските зони на различни места низ Прилеп, ќе бидат обележани на материјалите рекламни кои ги има фестивалот и ќе ги имаме живите скулптури од Скопје што доаѓаат. Потоа ќе видиме скомрахи, средновековни патувачи како ќе се движат низ улиците во Прилеп и претставите што се во официјална и оф програма, кои ќе можат да се видат не само во Центарот за култура и народниот театар, туку и на различни други места низ Прилеп. Сметам дека е важно за Прилеп да го живее фестивалот како нешто најважно во тој временски момент.