Христоски: Прекуграничниот проект со Елбасан е во завршна фаза, Крушево се гради и развива секојдневно

Денес во Крушево во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир беа презентирани имплементираните активности кои се составен дел од прекуграничниот проект со општина Елбасан во Република Албанија, кој што е финансиран со средства од Светска Банка и ЕУ.

Како што истакна градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски, денес се гради една успешна приказна за Крушево.

„Крушево се гради и развива секојдневно во поглед на инфраструктура, во поглед што значи развој на адреналинскиот туризам, другите спортови, туризмот воопшто во нашиот град и развојот и успешната приказна пред се‘ на нашата општина“, рече Христоски.

Дел од активностите во проектот се потполна функционална целина на самото полетиште, што значи безбедно и сигурно одвивање на сообраќајот на самото полетиште, паркинг простор, како и имплементирани нови 200 лед сијалици по главната сообраќајница во градот со кои се подобри уличното осветлување и Крушево доби на енергетска ефикасност.

Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека делегацијата на ЕУ навистина се задоволни со прекрасната соработка која ја имаат со Општина Крушево и што имаат можност да придонесат за да се подобрат состојбите и животниот стандард тука во Крушево.

„Сакам да кажам дека не само овие проекти кои се спроведуваат сега и во иднина ќе доаѓаат нови проекти, затоа што како се приближуваме до ЕУ, тој процес на проширување како што се спроведува и се реализираат реформи во оваа земја, се разбира дека многу промени ќе се случуваат тука на самиот терен, не само во Крушево туку и во другите градови. Промени ќе се случуваат во сферата на животната средина, во сферата на менаџирање со цврст отпад, но и во други сфери на општественото живеење. Се разбира дека ЕУ секогаш ќе биде тука со нејзината поддршка со цел да помогне во тој процес“, рече Гир.

Прекуграничниот проект со Елбасан не е прв проект на Општина Крушево кој што е финансиран од страна на Светска Банка и ЕУ.

„Во моментов имаме реализирано повеќе проекти, како последниот со прекуграничната соработка со градот Елбасан во Република Албанија. Претходно добивме грант од 500.000 евра од Светска Банка и ЕУ за реконструкција на спортска сала, сувенирници, улично осветлување во градот, паркинг горе на полетиште, подобрување на инфраструктурата, позади мене се наоѓа горната училишна зграда која е комплетно реконструирана со ИПА фондовите од 300.000 евра. Зборуваме за значајна сума, која иако не е доволна, јас често викам во празна куќа треба се, но работиме доста со проекти од кои очекувам во наредниот период да се прошират и продлабочат соработките и интензивираат во поглед на инвестиции“, истакна Христоски.

Евроамбасадорот Гир ги повика жителите на ЕУ да ја посетат земјава, особено Крушево затоа што е локација од светска класа, која поседува богато културно и природно богатство.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи