ВИДЕО – Најбараните професии на едно место, 5 струки со 9 образовни профили, бидете дел од СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп


СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп денеска ги отвори вратите за да деветтооделенците се запознаат со профилите кои се нудат тука. Во учебната 2023/2024 година се планира да се запишат 322 ученици во 10 паралелки.

Најчесто во здравствената струка и во струката лични услуги имаме голем интерес, додека во останатите струки интересот е помал, што не значи дека не ни се запишуваат ученици. Денеска на отворениот ден видовме голема заинтересираност од учениците од основните училишта, така што се надеваме дека ќе ги наполниме паралелките. Поголем акцент на промоцијата ставивме на шумарско-дрвопреработувачката, на геолошко-рударската и металуршката струка и на текстилно-кожарската струка каде што станува збор за струки и образовни профили кои што по завршувањето на средното образование можат слободно да конкурираат на пазарот на труд. Значи сите наши образовни профили се конкурентни на пазарот на трудот, станува збор за стручно училиште каде професорите по практична настава, но и по теоретска настава им овозможуваат на учениците да се стекнат и со теоретски и со практични знаења. Имаме и учење преку работа кај работодавач, што е исто така предност“, кажа Жанета Видеска, в.д. директор на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.

Во училиштето има 5 струки со 9 образовни профили. Тука се здравствената струка, струката лични услуги, текстилно-кожарската, шумарско-дрвопреработувачка и геолошко-рударската и металуршка струка. Во здравствената струка има 3 профили, 2 паралелки за струката медицинска сестра и по 1 паралелка за профилот медицински техничар и физиотерапевтски техничар. Во струката лични услуги има 2 профили, техничар за козметичка нега и убавина и фризери. Во шумарско-дрвопреработувачката струка има 1 паралелка, во текстилно-кожарската исто така е планирана една паралелка, која што е дуална, а во геолошко-рударската и металуршка струка ќе има 2 паралелки, една со 4, а друга 3 со годишно траење.

Учениците во првите две години изучуваат повеќе општообразовни предмети, веќе во трета и четврта година има повеќе стручни предмети и учење преку работа кај работодавач, односно тоа е во суштина праксата која порано ја имало тука во училиштето, а сега со новото модуларно учење праксата е преместена во компании каде што, зборувам за нашата струка, се врши производство на мебел или услуга кроење, кантирање на иверици, медиапани итн. Струката е потребна, сите се насочуваат да бидат здравствени работници, да бидат информатичари, а занаетчиите се помалку и помалку ги има, тоа е она што им треба затоа што мебелот е дел од секојдневието, на него седиме, јадиме, работиме инт. Мислам дека е доста перспективно и дефицитарно и ги поканувам учениците да се запишат кај нас“, вели Марија Јованоска, професор по стручни предмети во дрварско-преработувачка струка.

 

Секој ученик кој ќе се запиши во оваа струка има можност да си го разбуди својот талент преку цртање, креирање на модели, конструкција и на крај готов производ, односно од секој ученик од идеја до реализација. Оваа струка е дуална паралелка, односно имаме склучено договор во градот со четири компании каде учениците ја изведуваат практичната настава. Дуалната паралелка значи 2 дена практична настава во компанија и училишна работилница, а останатите денови теорија, односно повеќе пракса, а помалку теорија. Овие ученици кои се запишани во нашата паралелка имаат можност за вработување веднаш по завршување на нивното образование, компаниите се должни да ги повлечат, имаат обучен кадар кој веднаш одговара на пазарот на труд за нивно вработување. Стипендирани се во текот на нивниото четиригодишно образование, земаат месечна стипендија од 3.500 денари преку Министерството за образование и наука“, вели Наташа Мирческа, професор во текстулно-кожарска струка.

 

 Им препорачувам на сите деветтооделенци да се запишат на оваа струка бидејќи има многу шетања, има многу интересни работи. Секоја година има модни ревии“, вели Марија Митреска, ученик во СОУ „Ѓорче Петров.

 

Нашата струка, техничар за козметичка нега и убавина се изучува во 4 години. Бенефитите од оваа струка се што нашите ученици се стекнуваат со знаења во поглед на нега на тело, лице. Исто така имаат богата теоретска настава, опрема во училиштето која ја користат и вежбаат заедно со професорите, а одат и во козметичките салони во градот каде се едуцираат. Слушаме многу пофални зборови за нивното знаење, буквално излегуваат како стручњаци после образованието. Се едуцираат во многу, многу работи во поглед на нега и убавина“, истакна Ивана Стојческа Димеска, професор по козметика.

 

Добар занает е, има профит, има перспектива.

Зошто го одбра баш овој занает?

Имав желба, ме влечеше, имам пријатели што се фризери.

Перспективен занает е?

Да.

Ќе отвориш свој салон, или ќе се вработиш кај некој друг, што планираш?

Прво во некој друг фризерски салон, потоа во свој“, рече Петар Кулески, ученик во СОУ „Ѓорче Петров“.

Најатрактивни се секако медицинските профили.

Фармацијата е доста благородна наука која е спој меѓу хемијата и медицината и притоа се стекнуваат знаења од двете области и секој фармацефт е всушност неопходен дел од здравството, бидејќи за да им се помогне на пациентите, покрај тоа што треба да бидат прегледани од лекар, треба да им се обезбеди соодветна терапија со цел да им се ублажат симптомите и тие да се чувствуваат многу подобро“, додаде Александар Атанасоски, ученик во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.

 

Јас мислам дека е перспективно, бидејќи секој ден се појавуваат нови болести за кои треба да се откријат нови лекови и нови хемиски реакции кои помагаат да се остварат тие нови лекови и тука зазема најголем бран фармацијата која е главна за изработка на тие лекови во борбата против болестите“, потенцираше Софија Ангелкоска, ученик во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.

Интересно е да се потенцира и тоа дека Прилеп иако има над 30 концесии за рудници во рударската струка се запишуваат многу малку, иако веднаш по завршувањето им се нуди работа и висока плата. Според професорите тоа било така бидејќи учениците и нивните родители сметале дека во рудниците има само тешка физичка работа, што воопшто не било така.

Геолошко-рударската струка, или геологијата и рударството и металургијата нудат добри перспективи. Зошто бројот е намален, по мое мислење бидејќи учениците и родителите најверојатно не се доволно запознати со каква работа се занимаат во рударството и геологијата. Во денешно време сето е механизирано, додека нивното мислење е спротивно, дека во рудниците се работи физичка работа. Како што кажав во денешно време сето е механизирано, имаме рударски машини кои работниците само ги управуваат, а не со физичка работа. Рударството нуди широк спектар на области, како што имаме работа и во фабриките и во самиот рудник. Освен тоа се изработуваат геолошки карти, се изработуваат минерали, кога ќе спомнеме рудник се замислува дека стриктно само во рудникот и работата е физичка“, истакна Мартин Петрески, професор по стручни предмети во рударството.

 

Јас се запишав овде и проучувам минерали и природата. Се запишав со задоволство, на сите деца им велам да се запишат овде, да имаат иднина понатаму“, вели Дамјан Степаноски, ученик во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.

Сега се Отворените денови во сите средни училишта, а од јуни ќе се започне со уписите и борбата кое училиште да запише повеќе ученици.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи