Во Прилеп започна 57-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Со новиот концепт на уметничкиот директор Ана Стојаноска отворањето наместо како досега во салата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ се случи на отворено, на бина пчоставена пред оваа установа. Актерите Петар Темелкоски и Петар Мирчерски се годинешните добитници на наградата за животно дело. Темелкоски искажа голема благодарност до публиката која пред се го одржала овој фестивал.
„Благодарение на таа масовна поддршка на фестивалот со сите чинители заедно, и пред нас и тие после нас што ќе доаѓаат фестивалот тече гордо и со големи чекори патува во втората половина од своето столетие“, истакна Петар Темелкоски, добитник на наградата за животно дело.
Мирчески пак упати своја порака до младите генерации актери.
„Многу да читаат, многу да работат, многу претстави да гледаат, да го сакаат тоа што го работат, оти нихилизмот не носи никаде, ова не, она не. Мислам со работа треба се да се постигне“, додаде Петар Мирчески, добитник на наградата за животно дело.
Фестивалот го отвори „Нема струја за електричниот стол“ на велешкиот театар. Годинава ќе има 9 претстави во официјалниот дел, а главното мото или пораката на годинешниот фестивал гласи „Враќање дома“.
„Сакав на ова место во Прилеп во овие 8 дена да се случува едно убаво чувство, да се вратиме сите дома затоа што дома е најубавото чувство, дома се чувствуваме најубаво“, кажа Ана Стојановска, уметнички директор на фестивалот.
Но забележително е тоа што нема интерес за поставување на домашни драми, на што реагираат и театролозите.
„Имаме 18 државни театри кои целосно се финансирани од државата и би требало нешто да одработат за тоа што го добиваат. Македонската драма, националната драматика е толку малку застапена во нашите репертоари“, изјави Јелена Лужина, театролог.
Во градската библиотека пак како прва содржина на Фестивалот се одржа изложба на фотографии од избор книги од раритетната збирка, а се изложија и дела од роднокрајниот автор Коле Чашуле. Фестиваклот ќе трае до 16 јуни.