Три претстави, промоција, тркалезни маси денеска на „Војдан Чернодрински“

Три претстави од кои две на национални театри и една од независната сцена ќе бидат на програмата на претпоследниот ден на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Народниот театар од Битола со претставата „My name is Medeja“ ќе гостува во 19.30 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Од 22 часот, на сцената на прилепскиот театар ќе настапат актерите од Народниот театар од Охрид со претставата „Несфатената цивилизација“ во режија на Софија Ристевска-Петрушева.

Веднаш по претставата ќе следуваат тркалезни маси за двете претстави од официјалната програма.

Еден час подоцна, во Центарот за култура ќе следува изведбата на „Елегија во пет здива“ во режија на Филип Петковски, копродукција со театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес.

Со презентацијата на сработеното од едукативните работилници, денес ќе заврши програмата „Чернодрински за деца“, поддржана од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“. Ќе се претстават учениците од ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп – Антониј Кузманоски, Славица Кузманоска, Марија Ангелеска и Тамара Силјаноска, под менторство на наставничката Габриела Стојаноска-Станоеска.

Во 11 часот е закажана промоцијата на монографијата посветена на авторот во фокус – Коле Чашуле – „Чашуле: Приказничарот“ на Ана Стојаноска. За книгата ќе зборува проф. д-р Јелена Лужина.

„My name is MEDEJA“ на авторот Милан Рамшак Марковиќ е во режија на Себастијан Хорват. Играат: Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Катерина Аневска-Дранговска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Јулијана Мирчевска-Мавровска, Иван Јерчиќ, Здравко Стојмиров, Соња Михајлова, Васко Мавровски, Сандра Грибовска-Илиевска, Анастазиа Христовска, Никола Стефанов и Кристијан Танчевски.

Во претставата „Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристeвска-Петрушева, играат: Горан Стојаноски – Коста, Стрезо Стаматовски, Павел Маслов – Анка, Филип Кипровски – Димитраки, Никола Тодороски и Ивица Цонев – Мариче.

„Несфатената цивилизација“ е претстава за припадноста, честа, етиката и моралот. Претстава за културолошкиот и социолошкиот идентитет на човекот. Претстава за глобализацијата и традицијата, како и за ефектите од нив врз целокупното општествено живеење. „Несфатената цивилизација“ е комедија, што преминува во гротеска и иронија, и што прави детална и болна дисекција на нашата целокупна колективна свест“, вели режисерката.

„Елегија во пет здива“ е танц-театар базиран по мотиви од избрана поезија од Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Ацо Шопов и Никола Маџиров. Актерите/танчерите во претставата ги користат сопствените тела како субјект и како медиум за отелотворување на дадена емоционална состојба. Претставата е во режија и кореографија на Филип Петковски, а играат Васил Зафирчев, Симона Димковска, Наталија Теодосиева и Адријана Данчевска. Проекот на Петковски е копродукција со Театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес.

Синоќа пред прилепчани беа изведени претставата „Балконот“ на Албанскиот театар и „Женска гардероба“ на Театар Комедија.

Вчера продолжија разговорите на тркалезните маси на фестивалот. Се разговараше со екипата на „Циркус Пирандело“.

„Пирандело е врвот во литературата. Пирандело знае да те фрли во оган. Вештачката сценска интелигенција се раѓа на сцената…. Мора да сакаш и да го цениш тоа што го работиш. Правењето театар е како „лупење на кромид“. Треба да направиш тим и да уживаш во гинењето“, рече режисерот Трифуновски на тркалезната маса посветена на неговата претстава.

Според актерот Стојан Велков Трн има лесен бран кој ја фати публиката.

„Не е целосна импровизација туку е различна секаде. И сите актери бевме насочени кон радоста на играта“, рече Велков и истакна дека во Прилеп имале одлична публика.

Гостинот од Штипскиот театар, Ефтим Трајчов истакна дека претставата и режисерот ги обработуваат сите општествени теми.

„Имав лик кој го збогатив. Со вештачката интелигенција тој ја брка емоцијата, но таа доаѓа до израз пред смртта. Процесот имаше максимална слобода“, рече Трајчов.

Велков дополни дека претставата знае да биде прифатена, ндека некои ја оценуват како чудна, различна , но најмногу им се допаѓа на младите.

Актерката Ангелина Тренчова – Ангелова го искажа задоволството од слободата што им ја дал режисерот и особено ја истакна реакцијата на публиката.

Следуваше разговор и за претставата „Човек перница“ на Турскиот театар.

Специфичната претстава предизвика големо внимание кај публиката, која и на тркалезната маса сподели одушевувања за младите турски актери. Модераторката Јована Ѓорѓиовска го отвори прашањето – каде е радоста да се игра текст кој толку отворено зборува за насилството.

„Радоста беше само кога првпат го читав текстот. Помислив, има комични моменти, па првиот впечаток ми беше дека играме комедија. Ама, не беше така. Напротив. Режисерката Сибел Абдиу ни дозволи голема слобода во креацијата на улогите. Целиот концепт дозволи креативност. Кога некој ме праша за што станува збор, јас реков: Семејна драма е. Речиси секој носи детски трауми. Но, како да си помогнеме, а да не одиме на терапија?“, рече актерот Јеткин Сезаир.

Тие објаснија дека претставата почнале да ја работат пред ковид-пандемијата.

„Првпат кога работев на претставата имав 23 години. Бев среќен и некои работи не ми беа јасни. Поинаку беше кога улогата ја толкував на 23, а друго е сега, кога имам 27 години“, вели актерот Хакан Даци.

За Бурак Рахман малиот ограничен простор бил предизвик.

Дин Ибрахим пак, изјави дека ликот на Микаил му оставил неизбришлив белег и во умот и во срцето.

„Сето време контактирав со режисерката за тоа како инфантилноста, тоа детското на ликот да го претставам. Почнав да истражувам. Тешко беше, но беше голем предизвик. Ликот бил злоупотребуван, запоставуван“, вели Ибрахим.

Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ објасни дека се одлучила да ја селектира оваа претстава на фестивалот, зашто „мислата ми беше дека публиката во Прилеп треба да види што можат младите актери.

„Иницијативата да се направи ваква претстава среде репертоар е своевиден став“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи