Доделени пофалници и награди за најдобрите ученици од општина Прилеп

Денес во Општина Прилеп беа доделени награди на најдобрите ученици од основните и средните училишта за минатата учебна година. Имено, над 140 деца од училиштата во општина Прилеп кои постигнале успех на акредитирани државни и меѓународни натпревари добија пофалници и парични награди обезбедени од страна на локалната самоуправа.

„Денеска со градоначалникот го имавме најпозитивниот настан кој се одржа во Општина Прилеп, можам да кажам дека и ќе ја одбележи 2023 година. Присуството на 143 наградени ученици на  државни и меѓународни натпревари, ученици кои освоиле од прво до трето место и согласно правилникот кој го донесе Советот на Општина Прилеп, истите беа повикани овде, направивме еден можам да кажам гламурозен настан со најпаметните дечиња од нашите основни и средни училишта и согласно Правилникот за доделување награди на талентирани и надарени ученици им доделивме награди согласно местата кои ги освоија“, изјави Дејан Проданоски, претседател на Советот на Општина Прилеп.

Висината на паричните средства зависеше од успехот кој учениците го постигнале на државните и меѓународните натпревари.

„Ако се работеше за државен натпревар прва награда е 7.000 денари, втора 6.000 денари и трета 5.000 денари, додека за меѓународните натпревари прва награда е 9.000 денари, втора награда 8.000 денари и трета награда 7.500 денари. Значи не е занемарлива, станува збор за посериозна сума и тоа е максимум во рамките на буџетот што може да се направи. Никогаш не е доволно, но како почеток верувам дека е добар старт и означува еден нов процес на стимулирање на добрите ученици од градот.

Уште еднаш сакам да потенцирам дека ова е еден нов чекор во она што сите го имаме како проблем во нашето општество, а тоа е задржување на нашите млади. Можеби ова е само минимален стимул кој што го издвојуваме од Буџетот на Општина Прилеп, но верувам дека е значаен настан што ќе остане врежан во меморијата на овие ученици и ќе има бар некаква врска кон општина Прилеп, општината која ги образувала во нивното средно и можеби високо образование и ќе имаат обврска да останат и своето знаење да го имплементираат во општина Прилеп“, додаде Проданоски.

Иако првично биле планирани 500.000 денари во Буџетот на Општина Прилеп за оваа намена, сепак поради големиот успех кој го постигнаа децата од прилепските основни и средни училишта, таа сума ќе биде надополнета со доволно средства за сите ученици да бидат исплатени согласно Правилникот за доделување награди на талентирани и надарени ученици.

Исто така, претседателот на Советот на Општина Прилеп најави дека од почетокот на новата учебна година ќе биде изработен и правилник за наградување на најдобрите наставници, со цел дополнително да бидат стимулирани и тие за колку што можат во рамките на наставните програми, но и со нивната креативност да го збогатат наставно-образованиот процес за се повеќе и повеќе деца од Прилеп да учествуваат на вакви акредитирани натпревари и да носат награди.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи