ВИДЕО – Грмнаа тапаните, писнаа зурлите и гајдите, тамбурите ги заиграа срцата – започна Фестивалот „Пеце Атанасовски“


Грмнаа тапаните, писнаа зурлите и гајдите, тамбурите ги разбудија емоциите и заиграа срцата. Во Прилеп по 49-ти пат започна фестивалот на народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“. Фестивалот уште еднаш докажа дека е чувар на сонот на неговиот основач, а тоа е зачувување на фолклорот и нашата традиција. Се повеќе млади со гордост ги свират народните инструменти и ги пеат песните на нашите предци.

„Ја сакам традицијата поради сета таа нејзина бујна разновидност и заради нејзините специфичности низ различни региони во нашата земја. И се разбира затоа што таа е наша, македонска традиција“, вели Јана Грујоска, учесник од Струга.

 

„Јас свирам на гајда, го одбрав тој инструмент бидејќи како мал сакав многу да свирам на изворните инструменти. Започнав прво да тропан на тапан на мои 3 години, но сепак гајдата ми е подрага бидејќи има милозвучен тон“, додаде Огнен Радуловиќ, КУД „Илинден“ од Битола.

 

„Започнав прво со играње, потоа ми дојде мерак за кавалот, започнав да го учам сам дома од интернет, со тек на време го усовршив инструментот, па се префрлив на зурла и кларинет, па потоа и други дувачки инструменти“, кажа Илија Неделкоски, КУД „Илинден“ од Битола.

Годинава по 13-ти пат во рамки на Фестиовалот се одржа и неколку дневен семинар за народни песни и инструменти каде младите го надоградуваа своето знаење.

 „Се научивме на многу нови техники за гајдата, многу нови ора научивме, си поминуваме прекрасно, а сега ќе може да слушне публиката и што тоа сме научиле. Гајдата ја сакам бидејќи е прекрасен инструмент и тоа е тоа нашето, македонско“, изјави Стефан Трајковски, учесник на Фестивалот од Скопје.

И организаторите на Фестивалот се задоволни од одзивот на младите да бидат дел од една ваква манифестација. Годинава на Фестивалот учествуваат над 300 учесници.

„Секако младите генерации се повеќе се заинтересирани да ги изучуваат народните инструменти, народните песни, затоа што во последно време некако и преку овој фестивал и преку семинарот кој се одржува во рамките на овој фестивал, младите дознаваат дека овде, на овој Фестивал, не само што учествуваат групи од цела Македонија туку и дека ние ги едуцираме сите што се заинтересирани“, вели Д-р Стојанче Костов, Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје.

 

„Годинава имаме многу млади учесници. Тие го негуваат нашиот изворен фолклор од местата од каде што доаѓаат. Тука е и семинарот за изучување на народни песни и инструменти, него го посетуваа деца од Скопје и Прилеп“, истакна Родна Величкоска, уметнички директор на фестивалот.

Фестивалот продолжува утре на кај месноста Рудина во Општина Долнени.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи