МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ Ве канат на премиерното издание на „Ramnište Cave MTB 2023“

Здружението на велосипедисти МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ овој викенд за прв пат го организира дводневниот аутдор настан „Ramnište Cave MTB 2023“, што преставува одлична можност да се запознаете со убавините на Прилеп и неговата околина, односно Прилепското вештачко Езеро, планинарскиот дом Дервен, патеките низ планината Бабуна низ густа шума под врвот Козјак и да ја истражите пештерата Рамниште со сите свои убавини.

„Имено, станува збор за дводневен настан кој ќе се одржува во околината на Прилеп на 1 и 2 јули, при што првиот ден е планиран за пристигнување на учесниците во кампинг зоната која што ќе биде во близина на село Ореовец, пријавување учесниците на турата, а ќе заврши со вечерна дружба и забава на сите велосипедски здруженија и вљубеници во велосипедизмот и природата, за која ќе се погрижат рок бендот No Cigarettes и диџеите Alex Young и LTX.

Вториот ден е планирано одржување на велосипедската тура која ќе започне од кампинг зоната каде што учесниците на кампот ги очекува традиционален прилепски вкусен доручек подготвен од вештите раце на жените од здружението Преродба. По краткиот брифинг каде ќе бидат објаснати правилата и патеката, турата ќе започне точно во 9 часот. Станува збор за одлична патека на која учесниците ќе искусат повеќе типови на патеки за планински велосипедизам. Се тргнува од кампот во селото Ореовец, се искачува до Плетварските Езера од каде преку брзиот спуст се стигнува до Прилепското Езеро кое ќе не пречека со целиот свој сјај и убавина. Потоа турата продолжува кон планинарскиот дом Дервен каде што ќе биде и првиот освежителен пункт. Од таму се посетува месноста Борула каде ќе биде втората поголема пауза и вториот освежителен пункт, по што преку планината по еден технички тежок спуст се слегува до селото Крстец, од каде турата продолжува кон пештерата Рамниште која ќе биде осветлена и каде учесниците ќе имаат ретка можност со влез во истата да се запознаат со убавините кои ги нуди подземниот свет. Турата ќе заврши повторно во кампинг зоната, каде што учесниците ги чека надалеку познатата превкусна прилепска скара. На крајот од настанот ќе бидат доделени пригодни пакети за велосипедските здруженија, најмладиот и најстариот учесник, но и ќе биде приредена лотарија на која најсреќниот велосипедист ќе добие нов велосипед Ghost Kato 29“, велат од МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ.

Иако ова прв настан кој Здружението го организира самостојно, од МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ велат дека ќе се потрудат „Ramnište Cave MTB 2023“ да прерасне во традиционален настен кој ќе придонесува како за развој на овој адреналински спорт во Прилеп, промоција на здравиот начин на живот, така и за промоција на нашата општина во Македонија, а можеби и пошироко.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи