ВИДЕО – Гордост е да се произведува храна, потребен е директен однос помеѓу купувачите и домашните производители, јадеме недоволно испитана увозна храна


Филип Димкоски од Прилеп е млад земјоделец кој произведува чиста и здрава еколошка храна. Неговата бавча ја нарекува „Градината на Филип“. За разлика од останатите бавчи, оваа бавча која се наоѓа во месноста Маркова чешма, во близина на Прилеп, се разликува по тоа што таа е една вистинска биоградина. Како што самиот тој во една прилика вели, тука се‘ буквално си има своја улога, од инсектите, преку неговите кокошки, па се до растенијата. Се‘ што произведува тука и се создава на ова парче земја си има своја улога и функција во целиот процес при производството на храна. Храна здрава и еколошка, произведена со многу љубов и многу, многу мерак. Со Филип поразговаравме околу неговата Градина, но и за тоа како граѓаните да го променат начинот на исхрана, каква храна да користиме и од каде истата да се набави, затоа што знаеме дека најголемиот дел од здравјето на човекот зависи токму од начинот на нашата исхрана.

Филип можеш да ни кажеш како започна целата таа приказна околу создавањето на оваа градина?

По моето дипломирање во 2020 година, уште за време на студиите знаев дека сакам токму со производство да се занимавам, кога дипломирав како земјоделски инжинер во 2020 со едно мало наследство што го добив, со некоја моја заштеда го купив ова место и така настана „Градината на Филип“.

Навистина е ретко денеска да се забележи млад земјоделец кој со гордост зборува за тоа дека се занимава со оваа професија и дека произведува храна, она што му е најпотребно на човекот?

Мислам дека овде со години се има вршено некоја антиреклама на производство на храна, учи за да не работиш, земјоделието е тешко, срамно, итн., а всушност ние и не само ние туку цел свет не може да живее. Напротив, треба да го истакнеме и да ја смениме таа приказна дека е гордост да се произведе храна, пред се‘ барем јас како што работам, пред се‘ за сопственото семејство, па понатаму и нешто плус што ќе остане за оние кои го сакаат тоа и знаат да го ценат.

Што се‘ може да се најде тука во твојата градина, што се‘ произведуваш?

Во овој начин на градинарство важно е да ја нахраниме прво почвата, односно да создадеме услови микробиолошки добро да се развие се‘ она во почвата, така што овде има се‘, од цвеќе, до зачини, до нормално зеленчукови и овошни култури, бидејќи тоа е целта, на едно место што повеќе видови на растенија и така се збогатува биодиверзитетот и тие едно со друго се штитат и се во комуникација.

Во најавата на ова интервју кажав дека ова место претставува еден вид на биоградина, исто така и ти доста често го употребуваш тој термин. Дали може да ни покажеш зошто е тоа биоградина и како сите елементи кои се наоѓаат тука на ова парче земја си имаат своја функција во тој затворен систем за производство на храна?

Прочитав една мисла, вели дека она што ние денес го нарекуваме органско всушност е она што само храна го нарекувале нашите предци. Биоградината е нешто што е слично на она што некогаш се работело, значи да не се прска, особено не со хемикалии, со хербициди и пестициди, овде ништо такво нема, тревата е нормално да ја има затоа што не користам хербициди, а исто и таа на некој начин помага, затоа што кога имаме напад на инсекти тие ќе дојдат прво на тревата и така ќе ги заштитиме другите растенија кои сме ги насадиле и од кои очекуваме плодови.

Овде имаме еден таков пример.

Како што овде може да се види, ова е еден дебел слој на сено, значи во биоградинарството ништо не се фрла, ова е искосена трева и ова се вика директно компостирање. Значи не се прави посебно место туку директно во леата се става. Ова е органска материја, ова е храна за нашите растенија. На ова се додава и друга органска материја, остатоци итн., е ете во овој дел назад ќе почнат новите тикви да растат баш тука.

Значи имаме тикви под нас?

Не, во другиот дел се тиквите, овде ќе има зачински растенија. Секоја леа има комбинација од што повеќе видови растенија, бидејќи тие меѓусебно едни со други се штитат, комуницираат, а и поубава е глетката кога ќе видиме повеќе растенија. Еве и кај компирот имаме слама, тоа е принцип на малчирање, со тревата, односно сеното или сламата што се става над нив му обезбедуваме подолго време да има влага и да не растат непожелни билки. Инаку во биоградинарството терминот корови не се спомнува, затоа што секоја трева и секоја билка што никнала има некаква улога. Не сме ние тие што ќе кажат ова е штетно, ова е корисно, се е корисно.

Идејата на „Градината на Филип“ и општо на биоградината е да се постави еден затворен систем, тоа значи дека се‘ се искористува и се‘ се употребува, така овие кокошки се хранат со растителните остатоци од градината и со житарици од локални производители. Од нив добиваме јајца за моето семејство и секако оној мал број на купувачи со оглед на малите количини кои се произведуваат, затоа што од ваквиот начин на чување на кокошки не може да се очекува толкав број јајца како што се произведува во оној затворен фармерски систем во кафези, но затоа пак добивате еден многу повисок квалитет со овој начин на производство и секако поздрави јајца. Лушпите од јајцата не се фрлаат, се користат за добивање на калциум за прихрана на растенијата, нивниот измет се искористува за ѓубрење на градината и така постојано се доближуваме до она што е природно движење во природата.

Каква храна јадеме ние во Македонија?

Ние за жал јадеме храна која е од неиспитано потекло и самите она што го купуваме не знаеме од каде е, можете по самите производи да видите некаде дека не се ни наведени некои важни податоци за храната која што ја купуваме, а може да биде навистина многу поинаку, затоа што имаме навистина убави услови за производство на храна.

Зошто и покрај сите убави услови кои ги имаме и климатски и сето она што Бог ни го дал, ние сме увозно зависна земја за храна и тоа поприлично зависна?

Јас верувам дека за некои работи и кога би се подобрило земјоделското производство би биле зависни за некои производи, но штета е тука нас ни недостасува земјоделска стратегија. Вистински начин на поттикнување на земјоделецот и производството, но и поголема свест кај луѓето за важноста од каде се купува храната и зошто да купуваме од некаде кога можеме да го произведеме, или веќе го имаме многу поквалитетен тој производ токму од оваа почва.

Токму така, секогаш помеѓу купувачите и производителите на храна имаме еден трет посредник што се јавува, што често пати вие велите дека нема потреба да го има во тој сооднос, затоа што најдобро каква храна јадеме може да знаеме доколку директно ја купиме од самиот производител.

Па да, уште пострашно е што не е само трет, туку и четврт, петти, шести и додека дојде до нас храната веќе не знаеме што сме купиле. Токму она што малото производство го овозможува е директна комуникација со купувачите, ме исполнува моментот кога некој директно ми се обратил, купил некои производи од кај мене и потоа во порака ќе ми напише или јас ќе го прашам како ти се допадна, затоа што ми важно дали тој што купил нешто е задоволен, не за пак да купи, туку за да на трпезата постави квалитетна храна за себе и за семејството. Токму тоа е она за кое се залагам јас и сите оние кои се дел од „Slow Food“ организацијата во која сум член и која и во нашиот град постои како „Slow Food Прилеп“, која преку различни настани и начини се труди преку различни пазари и производители токму тоа да го постигне и верувајте мислам дека тоа зема замав и голем број на луѓе полека стануваат свесни дека тоа е потребно и тоа е вистинскиот начин на комуникација и на избор на храна.

Сакате да кажете дека ова треба да се спроведе како еден вид на стратегија од Министерството за земјоделство и шумарство?

Па да, би требало и да се обрни внимание на тоа дека можеби нема да се натпреваруваме со големите држави по обемот на производство, но сигурно дека можеме да бидеме меѓу првите со квалитетот на она што го произведуваме, затоа што имаме такви услови во оваа држава.

Во целиот овој искрено масовен егзодус на младата популација во државава која се‘ помалку сака да се занимава со земјоделство, дали еве ваквите примери како тебе сметаш дека ќе допринесат младите да започнат повторно да се занимаваат со оваа гранка која навистина може да им донесе економски бенефит доколку знаат како да се занимаваат со неа?

Клучно е да прифатиме дека мора да работиме, ние нешто сме уплашени од зборот работа, или западнати сме во зона на комфорот, но работата со земјата е тешка, напорна, јас овде 3 години само камен чистам и уште не е исчистено и уште не е онака како што треба да изгледа, меѓутоа оваа работа е и здравје и благодет. Со самата работа ние сме во еден директен дослух со природата и тоа ни овозможува и здравје. За среќа мислам дека веќе расте бројот на млади луѓе кои решиле да останат тука и да се занимаваат со земјоделие. Барем се обидуваме и пробуваме, колку ќе успееме… се надевам ќе се сретнеме по некое време и тогаш ќе разговараме, но пред се мене и сличните што ги има за среќа, ќе спомнам примери како Давид од Раштак кој се занимава со козарство, Никола Богданоски и други, не‘ држи љубовта кон татковината и желбата дека овде треба нешто да создадеме, да направиме и тоа дека може и овде да се успее ако се работи. Се надевам дека веќе тоа ќе се препознае и ќе можеме да просперираме на тој начин.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи